КАМЕРЕН ОРКЕСТАР НА МММ “САША НИКОЛОВСКИ ЃУМАР”; Уметнички раководител/ диригент: Олег Кондратенко

Уметнички раководител/ диригент: Олег Кондратенко Солисти: Софија Никоска- виолина Иван Трајaновски-саксофон   Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји.  Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.  Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска, а оркестарот има постојана тенденција за промовирање на млади диригенти (Дијана Илкоска, Иван Еминовиќ). Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина.  Оркестарот има остварено повеќе радио и ТВ снимки, но има и сопствена ЦД продукција со издадени 5 носачи на звук. Веќе 32 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 12 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент  Саша Николовски-Ѓумар,  а годинава по втор пат летната сесија на оркестарот и концертите се под раководство на истакнатиот педагог и виолинист Олег Кондратенко.   Софија Никоска-виолина Виолинистката Софија Никоска е родена во 1991 година во Прилеп, каде го започнува своето музичко образование. Средното музичко училиште го завршува во Скопје, после кое се запишува на Факултетот за Музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко на само петнаесет години и станува најмладиот бруцош воопшто на ФМУ. Дипломира со највисока оцена – Cum Laude, а потоа ги завршува и магистерските студии на ФМУ. Од 2011-2017 година е студент во класата на реномираниот проф. Захар Брон во Кралскиот колеџ за Музика во Мадрид, Шпанија, како стипендист на фондацијата „Албениц“. На своја девет годишна возраст освојува прва награда на интернационалниот виолински натпревар “Корнелија Бронзети” во Кампина, Романија и прва награда на државниот натпревар во Скопје, а потоа следат и многубројни награди на интернационални натпревари во Загреб, Охрид, Скопје, Хасково, Малага итн. Никоска е учесник на многубројни семинари и мастер часови кај реномирани виолински педагози, меѓу кои: Јури Волгин, Вадим Глузман, Џерард Пулет, Ференц Дош, Александар Бондуриански, Валентин Ербен, Едуард Грач, Дора Иванова, Иво Мирковиќ, Благоја Димчевски, Бартош Бриља, Петар Шепард, Изабела Сергеевна Головина. Во текот на нејзината музичка кариера остварува бројни концерти и рецитали во Македонија, како и надвор од неа. Бројни солистички настапи со Македонска филхармонија, Музичка младина на Македонија, а во 2011 како лауреат на натпревар во организација на “ЕМСУ” е поканета на турнејата “Ѕвездите на иднината” со концерти низ Германија и Австрија. Како стипендист на фондацијата „Албениц“ има остварено многубројни концерти во Шпанија, а во април 2018 е поканета на фестивалот “Интерлакен класикс” во Швајцарија, таму настапи на бројни концерти како дел од Камерниот оркестар „Захар Брон”.   Иван Трајаноски- саксофон Саксофонистот  Иван Трајаноски (1995, Скопје) своето  музичко образование го започнал на десет години во својот роден град. Во 2013 година матурира во класата на проф. Владимир Трајаноски. Своето образование го продолжува на музичката Академија во Љубљана во класата на проф. Матјаж Древеншек.  Своето образование го надградува кај еминентни професори и истакнати саксофонисти како што се: Филип Гајс, Жан Дени Мишат Миха Ргина, Николас Прост, квартетот „Сигнум“ и др. Добитник е на највисоки награди и признанија како солист и како дел од камерни состави (Белград, Смедерево, Пожаревац, Скопје, Струга, Битола, Толмин …) Со саксофонскиот квартет ‚‚Еутерпа ‘‘ на државниот натпревар “TEMSIG” во Словенија (2015г.) ја добиваат златната плакета и специјалната награда од “EMCY”. Како солист или дел од камерен ансамбл има настапувано во: Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија, Австрија, Германија.. Солистички настапи брои и со оркестарот на Македонската филхармонија, Дувачкиот оркестар на град Скопје, камерниот оркестар „Аморозо“ од Лесковац, дувачкиот и камерниот оркестар на ДМБУЦ “Илија Николовски Луј”, со дувачкиот оркестар при Музичката академија во Љубљана и со симфонискиот оркестар на Радио Телевизија Словенија. Активен член е во биг бендот на ‚‚ЗЏМ‘‘, а во 2017г. заедно со Доминика Робе (пијано) го формираат дуото ‚‚Con Fuoco‘‘.
https://www.kupikartizase.com/Events/muzicka_mladina_na_makedonija