КАМЕРЕН ОРКЕСТАР СОФИСКИ СОЛИСТИ

  Камерниот оркестар „Софиски солисти“ е основан во 1962 година од страна на група млади музичари, тогашни членови на Софиската опера. Првиот концерт се одржал во март 1962 година под диригентската палка на Михаил Ангелов и веднаш ги освоил симпатиите на софиската публика. Тројца диригенти одиграле значајна улога во развојот на овој ансамбл и во креацијата на нивниот специфичен и препознатлив звук: Васил Казанџиев (1964-1978), Емил Табаков (1979-1988) и актуелниот диригент на оркестарот Пламен Ѓуров кој го раководи од 1988 година. Овие долготрајни музички соработки се особено значајни за растежот на оркестарот.  Од основањето до денес „Софиските солисти“ отсвиреле повеќе од 3000 концерти низ целиот свет. Најпрво ја освоиле публиката на големи интернационални фестивали во Германија и Франција, за сега да уживаат популарност на фестивалите во Сан Себастијан и Сантандер (Шпанија), Загреб и Дубровник (Хрватска),  Чита ди Кастела (Италија), Лувен (Белгија), Берген (Норвешка). Ансамблот остварил бројни турнеи во земјите од Европа, но и 10 турнеи во САД, 13 во Јапонија, 7 во Кореја, но и настапи во Кина, Австралија и Јужна Америка. Настапувале во престижни концертни сали како: „Карнеги хол“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ и „Барбикан“ во Лондон, „Гевандхаус“во Лајпциг, салата „Гаво“ во Париз, „Концертгебау“ во Амстердам, операта во Сиднеј, „Сантори хол“ во Токио и „Симфони хол“ во Осака. Некои од бројните солистички имиња кои настапувале со оркестарот ги вклучуваат: Хенрик Шеринг, Данил Шафран, Давид Валтер и Никанор Забалета, а во последните години настапуваат со: Патрик Галоа, Хајнц Холигер и Најџел Кенеди.  На својот репертоар Софиските солисти имаат повеќе од 600 композиции од сите музички периоди, а премиерно извеле повеќе од 100 композиции –некои специјално напишани за нив. Дискографијата на ансамблот ја сочинуваат 60 носачи на звук за различни издавачки куќи.   ГЕОРГИ ПАТРИКОВ-диригент   Георги Патриков е роден во 1979 година во Софија каде и студирал на музичката академија „Панчо Владигеров“ и тоа хорско диригирање кај проф. Крум Максимов и оркестарско диригирање во класата на проф. Пламен Ѓуров и проф. Васил Казанџиев.  Се усовршувал на бројни мајсторски курсеви кај еминентни диригенти меѓу кои и Јорна Панула. Патриков е лауреат на натпреварот за диригенти „Генадиј Рожденственски “ во 2006 година, а настапува како гостин – диригент со водечките оркестри во Бугарија меѓу кои „Софиски солисти“, оркестарот на Бугарското национално радио, Филхармониите на Пловдив и Варна, операта во Русе и др. Неговите снимени материјали вклучуваат музика од бугарски композитори и се реализирани за Бугарското национално радио. Во периодот од 2008-2010 година тој е шеф диригент на Филхармониските оркестри на Шумен и Плевен. Во моментот делува како асистент на катедрата за диригирање на Државната музичка академија во Софија.   СТРАШО ТЕМКОВ-флејта   Страшо Темков дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Од 1991 како вработен во Македонската филхармонија редовно ги изведува впечатливите сола на светската оркестарска литература. Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри , рецитален солист,  но и како член на реномираниот Македонски дувачки квинтет  и други камерни состави. Како солист со оркестар настапува со Филхармонискиот оркестар во Хо Ши Мин, Виетнам, со Македонскаста филхармонија и со други камерни ансамбли. Страшо Темков настапува на сите музички фестивали во земјава  но и во странство: Србија, Црна Гора, Германија, Хрватска и Бугарија, а е еден од малкумината македонски уметници кои настапиле во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк. Страшо Темков е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, основач  е на квартетот флејти „Аулос“, триото „Аура“ и редовно е покануван да биде член на жири на домашни и меѓународни натпревари. Во соработка со пијанистката Марија Вршкова има издадено два компакт диска, а во 2017 година е добитник на наградата „Златна лира“ која ја доделува Здружението на музички уметници за врни достигнувања во областа на музиката.
https://www.kupikartizase.com/Events/kameren_orkestar_na-sofiski_solisti