КВАРТЕТ ГИТАРИ „АИГЕТА“ Франсоа Соњи- Александер Дел Фа- Филип Лоли- Оливије Фаутрат

      Гитарскиот квартет „Аигета“ е основан во 1979 година во Монте Карло и првиот јавен настап го има во 1980. Сепак, интернационалната кариера членовите  на квартетот ја започнуваат со изведбата на Андалузискиот концерт за четири гитари и оркестар од Родриго со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло во 1982. Следат турнеи во Франција, Англија, Италија, Унгарија и Германија како и радио и телевизиски преноси на нивните настапи. Квартетот не бил интересен само поради невообичаениот состав- туку поради посебните звучни квалитети кои ги поседувал. Во 1987 година членовите на „Аигета“ го снимаат првиот албум, а потоа во студио снимаат омаж за Бил Еванс заедно со џез гитаристот Џон Меклофлин, го снимаат комплетниот опус на дела за квартет гитари од Eнтони Бурџес, како и албум со нивните авторски композиции насловен „Акустичен свет“. За нивниот музички формат и стил добиваат позитивни реакции од некои од најзначајните диригенти и уметници како: Хенрик Шеринг, Ѓорги Цифра и Рикардо Шаји што придонесува кон нивниот континуиран ентузијазам и кон повеќе од 30 годишно посветено концертирање пред различна публика во некои од најпрестижните концертни сали како „Ла Фениче“ во Венеција, Палатата на каталонската музика во Барселона, Салата „Гарние“ во Монте Карло, Националната галерија во Будимпешта,  салите на Гастајгот и на Музичката академија во Минхен, Брукнерхаус во Линц, Вигмор Хол во Лондон, Античкиот театар во Арлес  и театарот Дежасе во Париз, дворецот Мирабел во Салцбург, театарот „Гионе“ во Рим и многу други.  Редовни гости се на алтернативните сцени во театрите во Бон, Штутгарт и Луцерн. Фестивалските настапи ги водат во Франција, Италија, Белгија, Шпанија, а особено се значајни нивните гостувања на гитарските фестивали како на пр: фестивалот „Андреас Сеговија“ во Линарес, гитарските фестивали во Барселона и Мурсија во Шпанија, интернационалниот гитарски фестивал во Париз, фестивалот во Бат во Англија, фестивалот „Гитарска пролет“ во Шарлерои во Белгија, како и фестивалите во Рим, Нојтинг и Херсбрук во Германија. Во Дорфен, Германија се добитници на наградата „Златна Соафа 97“ за музички настан на годината. Квартетот соработува со музичари и композитори со различни жанровски определби, често изведуваат премиерни дела за ваков состав меѓу нив и два концерти за квартет гитари и оркестар, а стилските определби не ги задржуваат само на класика туку навлегуваат и во џезот каде имаат поголема слобода за импровизација. Нивните авторски композиции се токму тоа, синтеза на новите трендови во музиката.  Ваквиот еклектичен пристап, како и интерпретацијата на највисоко ниво ги прави членовите на квартетот „Аигета“ едни од најиновативните музичари на овој инструмент, како во нивните солистички настапи, така и во настапите со оркестар.
https://www.kupikartizase.com/Events/agietakvartet_2019