„Нашата вечер во Охрид“ Иван Босиљчиќ, Србија
Повеќе од една деценија драмскиот уметник и признат актер Иван Босиљчиќ, покрај богатата театарска и интернационална филмска кариера е посветен на изведбата на авторски поетски проекти. Голем почитувач на српската и светска литература, Босиљчиќ креира и изведува интимни театарски исповеди, раскажани низ стиховите на големите поети. Со голем успех неговите претстави се изведувани во голем број театри и концертни сали низ целиот балкански регион- почнувајќи од белградскиот Дом на синдикати и операта „Мадленијанум“, преку Македонската опера и балет и Универзална сала во Скопје, Новосатскиот национален театар и многу други, а успешно се претставува и во: Австрија, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд и во Канада.
Возбудата која неговите претстави ја носат е уникатен спој на драмска претстава и концерт, форма која е посебна и ретко видена на нашите простори. „Нашата вечер во Охрид“ е нова програма, специјално составена за долго очекуваната средба со публиката на Фестивалот „Охридско лето“. Стиховите на Бодлер, Есенин, Блаже Конески, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ ќе бидат обоени со гитарската вибрација на фадо-звукот, ориентот и класичните ноти. За тоа ќе биде задолжен професорот по класична гитара и композитор Горан Ковачиќ, како и маестро Зоран Стојановиќ кој веќе три децении живее во Португалија од каде со себе го носи искуството од настапите и соработките со ѕвездата на фадо музиката Дулче Понтес.