„Подиум на млади“ Александар Хаџиевски, пијано, Србија, Андреј Петрески, обоа, Северна Македонија

  Александар Хаџиевски-пијано Александар Хаџиевски е српски пијанист и композитор роден во Белград во 1998 година. Основното и средно образование ги завршува во музичкото училиште „Јосип Славенски“ во Белград во класата на проф. Милена Јосифовиќ, а за време на школувањето е добитник на повеќе награди меѓу кои и втора награда на Државниот натпревар во Србија. Учествува на бројни мајсторски курсеви, а дел е од хуманитарниот проект „Музика за мир“. Пред да замине да се школува во странство, Александар е поканет да учествува на натпреварот „Џорџ Гершвин“ во Њујорк каде освојува трето место во категоријата за млади уметници. Како резултат на оваа награда, настапува со рецитали  во САД, а дебитира на Академијата за наука и уметности во Белград во 2019 година. Александар во периодот 2018-2020 студира пијано и интерпретација  на Менхетен школата за музика во класата на проф. Нина Светланова, а во моментот е запишан на трета година студии на Школата за музика „Манес“ исто така во Њујорк во класата на проф. Владимир Ваљаревиќ.     Андреј Петрески -обоа   Андреј Петрески е роден 1997 во Скопје, С. Македонија каде го завршува своето нижо и средно музичко образование во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј” во класата на проф. Надица Ристиќ. Во текот на образованието учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари на кои се стекнува со многубројни награди. Исто така е дел од повеќе проекти, еден од нив е:  „Младинскиот супер оркестар” со кој настапува во Љубљана, Белград и Скопје каде учествуваат млади музичари од истите градови. Во 2015 година се запишува на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во класата на проф. Гордана Јосифова – Неделковска. Дел е од дувачкиот квинтет при ФМУ со кој остваруваат значајни настапи како и целовечерни концерти. Има настапи со камерениот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар” при музичката младина на Македонија. Соработува со Македонската Опера и Балет, Црногорски симфониски оркестар како и Македонска филхармонија. По неговото дипломирање на ФМУ во 2019 има соработка со Сараевската Филхармонија во Босна и Херцеговина, каде од 2020 година официјално ја има позицијата прва обоа.