Сихана Бадивуку-Хоџа-виолина Маја Кастратовиќ-пијано

    Сихана Бадивуку-Хоџа-виолина Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа  се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. По средното музичко училиште во Приштина  и работата со проф. Павел Верников, Ванчо Стоилков и Благоја Димчевски, образованието го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, со проф. Богодар Которович, а потоа и во Москва каде што дипломира и магистрира во класата на проф. Евгенија Чугајева. Потоа добива стипендија и заминува на студии во Школата за музика во Детмолд, Германија, во класата на проф. Јoнг Ук Ким. Сихана Бадивуку кариерата ја продолжува на меѓународните концертни подиуми настапувајќи на „Охридско лето“, Денови на македонска музика, Фестивал за современа музика во Тирана, Фестивалот „Ремузика“ во Приштина, Музичкиот фестивал во Варна, „Интерфест“ во Битола, на реномирани фестивали во Италија и Шпанија.  Одржува концерти во Албанија, Македонија, Италија, Шпанија, Турција, Бугарија, Германија, Русија, Финска, Ирска, Белгија, Украина, Литванија, Словенија, Канада, САД. Нејзиното огромно искуство годините наназад го пренесува на своите ученици, кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат. Од 1992 година е професор на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та концерт-мајстор на Косовската филхармонија, како и на Албанската филхармонија од 2011 година. Од 2008 година, Бадивуку е професор на Државниот универзитет во Тетово,  редовно е член на неколку жири на виолински натпревари. Таа е виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“. Во 2011 година, Сихана Бадивуку го објавува цедето „Брамс сонати“ со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска. Од 2010-2019 година, Бадивуку е претседател на Европската асоцијација на педагози по гудачки инструменти во Косово. Од 2000, пак, го основа Камерниот музички фестивал, а од 2003 се јавува како основач на Музичката фондација „Арс Косова“, а наедно е и уметнички директор на Музичкиот натпревар за млади „Арс Косова“ и на Камерниот фестивал во Косово. Соработката со Маја Кастратовиќ датира 1994 па сè до денес, а од 2000-та соработува со американскиот пијанист Дерек Хан, како со „Стринг Трио“ од Косово, виолистот Блерим Груби и виолончелистот Арисид Проси. Во 2016, таа беше гостин-уметник во концертните серии во Берлин „Спектрум концерти“ во Берлинската филхармониска комора.   Маја Кастратовиќ-пијано   Маја Кастратовиќ е родена во Скопје каде го завршува основното музичко училиште во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Слаѓана Јовановиќ, а го продолжува во Централното Московско музичко училиште во класата на проф С. И. Гаџиев. Во 1993 година дипломира на престижниот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во класата на проф. Л. В. Рошина, а во 2002 година магистрира во Скопје во класата на проф. Борис Романов.  Како концертна пијанистка настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на домашната сцена, но и надвор од неа: во Русија (Москва и Санкт Петербург), во Лондон (Велика Британија), во Рим, Џенова и Гориција (Италија), Чикаго (САД), Крумлов (Чешка), Грац и Вилах (Австрија), Љубљана, Марибор, Цеље (Словеија), Белград, Нови Сад (Србија) итн.  Настапите ја водат на интернационални фестивали во Шпанија, Италија, Албанија, Црна Гора, а настапува и на сите значајни фестивали во државава. Добитник е на бројни награди за нејзината работа како музичар и педагог, а повеќе пати била член на жири на музички натпревари во  Словенија, Србија, Албанија и Македонија. Добитничка е на „Бернекерјева плакета“ од општината Словен Градец за особен придонес во културата.  Во периодот од 1996-2001 година работи како професор по пијано во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а од 2001 година живее и предава пијано и корепетиција во Словењ Градец и Словенске Коњице во Словенија. Нејзините ученици се добитници на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари. Од 2016 година соработува со трио „Фонос“ со кои остварува настапи во Австрија и Словенија.
https://www.kupikartizase.com/Events/sihana_badivuku_2019