Свечено отворање на фестивалот Охридско лето 2020 година; Вокални бисери – по стапките на Ана Липша Тофовиќ

 
Марија Јелиќ- сопран Марија Јелиќ започнала да учи флејта и соло пеењe во нејзиниот роден град- Белград, и иако дипломирала на Факултетот за Електрично инженерство, таа никогаш не ја напуштила нејзината вистинска пасија- пеењето. Се здобива со титула Магистер по оперско пеење, и во 2017 станува дел од оперското студио на Народниот театар во Белград. Ги исполнува улогите на Контеса во „Свадбата на Фигаро“, Мими во „Боеми“, главната улога во „Аида“, Микаела во „Кармен“, Лиу во „Турандот“, Неда во „Палјачи“, Дездемона во Вердиевата опера „Отело“ и Памина во „Волшебна флејта“. Редовно настапува на оперските и концертните сцени во Белград и Нови Сад, како солист со оркестар и на рецитали. Интернационалната кариера ја носи во Германија, Австрија, Русија, Кина, Хрватска, а во март 2021 година ќе дебитира во САД на сцената на Карнеги Хол.   Аманда Стојовиќ-мецо сопран   Аманда Стојовиќ е родена во Херцег Нови (Црна Гора) и по завршувањето на основното музичко образование во Белград, продолжува да студира во Словенија, таму специјализира и ги завршува пост-дипломските студии на Музичката академија во Љубљана. Победничка е на натпреварот „Јамаха“ во 2008 година и финалист на натпреварот за пејачи во Сполето. Подеднакво е посветена на оперската и концертната кариера, а нејзиниот широк репертоар опфаќа дела од сите епохи и стилови. Настапува на оперските сцени во: Белград,  Љубљана, Марибор, Ријека, Загреб, како и во Токио, Осака, Фукуока и во повеќе градови во Јапонија под диригентските палки на: Франческо Роза, Клод Шницлер, Тибор Богањи, Виле Матвејеф, Јарослав Кунзлинк, Симон Кречич, Урош Лајовиц, Џанлука Мартиненги и др. Соработува со познати уметници како што се: Душан Богдановиќ и Егон Михајловиќ, со Црногорското гитарско дуо  со Ансамблот „Ренесанс“.  Во 2014 година дебитира на сцената како Амнерис за време на турнејата на Операта од Марибор во Јапонија, соработувајќи со реномирани пејачи како Фиоренца Цедолинс и Пјеро Џулијачи.  Истата улога ја повторува на летната сцена во Опатија, за што добива одлични одгласи во печатот. Стојовиќ ги толкува сите значајни улоги од мецосопранскиот фах:  Шарлота (Вертер), Марика (Јованче и Марика), Корнелија (Јулиј Цезар), Фрика (Рајнско злато), Амнерис (Аида), Дина (Проблеми во Тахити), Принцеза (Сестра Анџелика), Мерцедес (Кармен) и многу други. На концертната сцена настапува со Црногорскиот симфониски оркестар, оркестарот на операта во Трст, оркестарот на операта во Љубљана, Словенечката филхармонија, Симфонскиот оркестар на РТ Албанија и др. Има остварено снимки за РТВ Словенија, за Црногорската државна телевизија, како и ЦД со музика за гитара и глас како дел од Дуото „Амарили“.     Дарио ди Вјетри-тенор   Дарио ди Вјетри дебитира на оперската сцена во 2009/2010 како Пинкертон во „Мадам Батерфлај“ во Опера Ломбардија. Како победник на натпреварот „Глас за Арена“, во 2014 година добива шанса да настапи на прочуената сцена на Арена ди Верона како Калаф во „Турандот“ режиран од Франко Зафирели, а под диригентската палка на Д. Орен. Токму овој настап му овозможува да започне кариера во Италија и надвор од неа со настапи во Римската опера, театарот „Сан Карло“ во Неапол, „Петруцели“ во Бари, театарот „Верди“ во Салерно, регионалниот театар во Парма, Народниот театар во Белград и операта во Букурешт, Операта во Овиедо, во Грчката национална опера, операта во Анкара каде ги пее главните тенорски улоги:  Радамес во „Аида“, Рикардо во „Бал под маски“, Калаф во „Турандот“, Кавардоси во „Тоска“, Дон Хозе во „Кармен“,  Де Грије во „Манон Леско“, Самсон во „Самсон и Далила“,Туриду во „Кавалерија Рустикана“, Манрико во „Трубадур“ и др. Во минатите сезони, Дарио Ди Вјетри настапува и во: Романија, Србија, Јужна Кореја, Бугарија, Египет, Полска, Кина, Грција, Германија, Тајван и др, настапувајќи не само на оперската сцена туку и на бројни фестивали како Пучиниевиот фестивал на Торе дел Лаго, на гала концерти и оперски концерти со симфониски оркестри под диригентските палки на бројни признати диригенти меѓу кои и:  Д. Орен, С. Алапонт,  Р. Палумбо, К. Орбелијан и многу други. Во сезоната 20/21 ке дебитира како Маурицио во „Адријана Лекуврер“ во театарот „Петруцели“ во Бари, каде ќе ја толкува и улогата на Радамес во „Аида“. Ќе биде Калаф во продукцијата на „Турандот“ во Националиот Каосиунг центар за уметности во Тајван, и Де Грије во „Манон Леско“ во  Лука и во неколку Тоскански театри. Роден во Бари, Дарио ди Вјетри студира на Конзерваториумот во Милано,  и на школата за опера во театарот во Болоња, а се усовршува кај светски познати вокални уметници како Лучано Павароти, Катја Ричарели, Боналдо Гајоти и Бруна Балиони.   Иван Томашев- бас   Роден во Белград, Иван Томашев го започнува музичкото образование во родниот град. Откако е прогласен за победник на натпеварот за млади пејачи на ниво на цела поранешна Југославија, образованието го продолжува во Нови Сад, Загреб и Рим, а постојано се усовршува во класата на Оливера Миљаковиќ во Виена. Во 1986 година ја започнува сценската кариера, најпрво во Операта во Нови Сад, а подоцна и во ХНК во Загреб. Од 1989 година е солист и носител на главни улоги во Операта при Народниот театар во Белград. Покрај успешните настапи на домашната сцена, кариерата го води насекаде низ светот каде настапува во повеќе од 400 продукции во: Северна  Македонија, Романија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Словенија, Австрија, Швајцарија, Чешка, Германија, Франција, Данска, Малта, Италија, САД, Јапонија и Русија. На меѓународната сцена за прв пат настапува во 1998 година во Аида на Фестивалот Сан Маргаретен во Австрија.     Миливоје Вељиќ- пијано   Mиливоје Вељиќ дипломирал на Катедрата за пијано во класата на проф. Лидија Станковиќ како најдобар дипломец на катедрата, докторирал на Катедрата за камерна музика со теза посветена на делата за пијано дуо на Рахмањинов,  а работи на Катедрата за соло пеење на ФМУ во Белград како виш уметнички соработник. Од 2009 година е уметнички соработник во класите на професорите Никола Китановски и Бисерка Цвејиќ. Најчесто настапува со вокални уметници, а долга е листата на реномирани вокални солисти со кои настапувал меѓу кои се Никола Китановски, Сања Керкез, Катарина Јовановиќ, Јасмина Трумбеташ, Дејан Максимовиќ, Борис Трајанов, Иван Томашев и многу други, а дел од концертите се снимени за музичката продукција на РТС. Често соработува со Операта на Народниот театар во Белград,  а бил официјален пијанист на 43-от Интернационален натпревар на Музичката Младина на Белград, како и на четири натпревари за соло пејчи „Лазар Јовановиќ“ и на меѓународниот натпревар „Никола Цвејиќ“ во Рума. Основач е на дуото Shake & Spear, ансамбл кој ја негува српската музика, а програмата на публиката им ја приближува на впечатлив „шекспировски“ начин, низ стихови и рима на српски и на англиски јазик чиј автор е самиот Вељиќ.
https://www.kupikartizase.com/Events/sveceno_otvaranje_ohridsko_leto_2020