ВИОЛЕТА ЕГОРОВА-пијано

  Родена во Краснобар, Виолета Егорова започнала да свири пијано на четири годишна возраст, дебитирајќи со целовечерен рецитал кога имала 12 години. Образованието го почнува во Централното училиште за талентирани деца во Москва, а продолжува на Московскиот конзерваториум „П.И.Чајковски“ под менторство на прочуениот Лев Наумов. Додека сѐ  уште била студент, нејзиниот талент го препознава  Руско-Американската корпорација „ Уметност и електроника“ и ѝ овозможува да сними ЦД со дела од Моцарт и Прокофјев одбележувајќи ги годишнините од раѓањето на овие композитори. Потоа, снима уште неколку носачи на звук за „Јуниверзал мјузик“, како и за јапонската „Теичику рекордс“ ,  додека пак нејзините настапи се пренесувани на радио и телевизија во Италија, Турција, Канада, Египет, Еквадор, Франција и Русија. Виолета Егорова е лауреат на повеќе интернационални натпревари меѓу кои „Алесандро Казагранде“ во Терни, Италија, „Џина Бахауер“ во Солт Лејк Сити, „Џан Батиста Виоти“ во Верчели во Италија и др. Настапува во некои од најпознатите концертни сали во САД, Италија, Франција, Швајцарија, Турција, Египет, Монако, Романија, Австрија, Русија, Јапонија и Кина.  Често како солист настапува со реномирани оркестри како Државниот академски оркестар на Русија, Симфонискиот оркестар во Јута, камерниот оркестар на Кремлин, Фестивалскиот пијанистички оркестар на Бергамо и Бреша, Симфонискиот оркестар на Перуџа, Филхармонијата „Жорж Енеску“, оркестрите во Харбин и Каиро, оркестарот на театарот „Белини“, Московскиот државен оркестар, како и оркестарот „Млада Русија“ под диригентската палка на Павел Коган, Џозеф Силверштајн, Арнолд Кац, Епифанио Комис, Марк Горенштајн, Августино Орицио, Константин Орбелијан и многу други. На фестивалските сцени настапува во Сполето, Истанбул, на „Етна фест“ во Италија, на Фестивалот посветен на Рахмањинов во Украина, како и на Московските фестивали „Божиќ во Кремлин“, „Музика на 20 век“, „Руска зима“ и други. Виолета Егорова предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија, каде е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната Академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995 година.