Мисија и Визија
НУ ОХРИДСКО ЛЕТО Охрид е непрофитна национална установа од областа на културата чија основна дејност е организација на меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“.
Фестивалот е основан во 1961 година и се одржува секоја година во периодот од 12-ти јули до 20-ти август во Охрид, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Министерството за култура, Локалната самоуправа, како и бројни спонзори и донатори.
Од 1994 година „Охридско лето“ е член на Европската асоцијација на фестивали со седиште во Брисел, Белгија, културна мрежа која повеќе од седум децении обединува 200 фестивали и фестивалски асоцијации од 40 земји.
„Охридско лето“ е потписник на Декларацијата за Интеркултурен дијалог на Уметничките фестивали и е носител на т.н „Фестлаб пасош“ доделен од страна на комесарот за култура на ЕУ, г. Јан Фигел за исклучителна креативност и иновација. Фестивалот е многупати наградуван со највисоки одликувања од страна на претседателството на СФРЈ, во 1980 со Орден Заслуги за народ со златна ѕвезда и во 2010 година од Претседателот на државата со Орден за заслуги за Македонија.
Фестивалот „Охридско лето“ во 2009, 2013, 2014 и 2015 година е прогласен за најголем туристички настан, награда која Министерството за економија ја доделува по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември.
Дејноста на НУ „Охридско лето“ е од национално значење и интерес за Република Северна Македонија.
Визија
Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како и еден од најистакнатите културни настани во Европа кој го промовира духовниот и културен центар Охрид. Националната установа „Охридско лето“ ќе продолжи да ги негува високото ниво на квалитет на културното дејствување, како и жанровската, национална и меѓународна разновидност преку негување, откривање и ширење високи културни вредности, со намера за остварување уште повисоки дострели во европските и светските културни рамки.
Мисија
- Почитување на високите уметничко – естетски вредности и критериуми;
- Негување на богатата културна традиција;
- Збогатување на културните содржини и создавање нови вредности;
- Креирање на културата како сервис на своите граѓани;
- Развивање на културниот туризам во градот и државата преку промоција на културното наследство;
- Развој и стимулирањето на домашното уметничко творештво;
- Зголемување на продуктивноста на установата;
- Поголемо приспособување на постојаните промени во современите процеси за работа и остварување поголема флексибилност и подготвеност за промени;
- Надградување на просторните и сценските капацитети;
- Зголемување на понудата на атрактивни програми и проекти во дополнителната програма во текот на целата година;
- Поттикнување уметничка размена на проекти и програми со сродни фестивали и асоцијации во Македонија и надвор од нејзините граници. Вклучување во европски и меѓународни културни мрежи и проекти;
- Заземање водечка улога за поврзување на сите институции од областа на културата; Организирање односно посредување во презентирањето современи уметнички проекти во земјава и пошироко, преку едно агенциско работење односно сервис за подготовка, организација и реализација на програми и гостувања.
Покровител на фестивалот:
Република Северна Македонија
Фестивалот го финансира:
Република Северна Македонија