Гитаристката Елена Папандреу од Грција вечерва ќе одржи целовечерен концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Папандреу која американскиот дневен весник Вашингтон пост ќе ја нарече „поетеса на гитарата“ е родена во Атина во 1966 година. Студира гитара под менторство на Евангелос Будонис и Оскар Гилиа. Исто така, работи со Гордон Кроски на Кралскиот северен колеџ за музика во Англија стипендирана од Британскиот совет. Посетува мајсторски курсеви предводени од Алирио Дијаз, Џулијан Брим, Лео Брауер и Руџеро Кјеса. Победничка е на три меѓународни натпревари: „Марија Калас“ (Грција,1984), „Гарњано“ (Италија, 1985) и „Алесандрија“ (Италија, 1985), а носителка е на втора награда и наградата „Наксос“ на натпреварот на Фондацијата на гитаристи на Америка во 1995 година. Во моментов соработува со шведската издавачка куќа БИС, а во 1992 година и е доделено признанието „Спирос Мотсенигос“ од страна на Академијата во Атина, значајна награда која се доделува секои две години на исклучителни музичари.
