„Бакхи краток преглед на распадот“- претстава за идентитетот на човекот

Народниот театар од Битола синоќа на „Охридско лето“  со својата маестрална актерска игра го донесе Еврипид на сцената преку театарската престава „Бакхи-Краток преглед на распадот“ извонредно режирана и адаптирана на современиот свет под палката на Игор Вук Торбица.

Директорот на Битолскиот народен театар Иван Јерчиќ вели дека голема е честа, но и задоволството да се работи со еден ваков исклучително добар режисер.

-Бакхи –краток преглед на распадот е претстава на еден од најнаградуваните режисери во регинот во моментов, Игор Вук Торбица.  Тоа се потврдува и со еден натпис што го прочитав за него дека во неговата биографија постојат повеќе награди отколку претстави што ги има изрежирано во неговата кариера. Затоа, јас и Илина Чоревска не се двоумевме да го поканиме и огромно е задоволството што тој прифати да работи во нашиот театар. Тоа на некој начин беше своевиден гарант за квалитетот на претставата и новото кон кое се стремиме ние во Битолскиот народен театар. „Охридско лето“  е еден голем, реномиран фестивал на којшто ни е задоволство да доаѓаме секоја година. Нашата идеја е секоја година да се претставуваме со што поквалитетна претстава, појаснува Јерчиќ.

Според Илина Чоревска, уметнички директор на Битолскиот народен театар и еден од актерите што игра во драмата, годинава овој театарски ансамбл на „Охридско лето“ го носи најдоброто, проект којшто, како што вели, го зближил актерскиот тим што работел на самата претстава.

-Бакхи-Краток преглед на распадот е претстава која кореспондира со светската театарска сцена  и која во секој случај провоцира и поставува прашања. Станува збор за современ пристап на еден текст од Еврипид што само мајстор како Игор Вук Торбица може да го направи актуелен како денес. Ова е претстава на македонскиот, на балканскиот, на светскиот идентитет, претстава која зборува за оттуѓеноста на луѓето, за суровоста, која на крајот ќе каже дека и системот, и боговите се мртви. Игор Вук Торбица е режисер којшто треба да го посака секој театарски тим затоа што е исклучително интелигентен каква што е и претставата. Ние како тим се зближивме додека ја работевме претставата. Отворивме прашања секој кај себеси и општо како театарски ансамбл бидејќи тој многу провоцира во текот на работата и мислам дека станавме поголеми пријатели, а истовремено и поголеми актери, ако можам така да се изразам, бидејќи кога ќе осознаеш некои нови работи за себеси, тогаш отвораш и нова етапа во актерскиот занает, вели Чоревска.

Битолскиот народен театар е несомнено еден од најдобрите и најуспешните театарски ансамбли во Македонија, афирмиран и респектиран не само во поширокиот балкански регион, туку и подалеку. По гостувањето на „Охридско лето“, битолските актери ги очекува премиера на театарската претстава „Август во округот осејџ“,  а потоа и учество на фестивалот „Град-театар“ што се одржува во црногорскиот град Будва.