Сцена создадена преку творењето на музиката и театарот. Место за настап на бројни светски уметници. Потврда за високите културни вредности. Атракција, уникатност, возбуда …. Охридско лето, единствениот фестивал кој повеќе од половина век блеска со магичен амбиент, останува длабоко во сеќавањата со посебна величина достојна за вистинските вредности.
Долги години амбиентот го создаваат културите од целиот свет надополнувајќи ја духовната традиција по која Охрид и Македонија се препознаваат. Моќта и спојот на културите тука оставиле длабоки траги во секоја пора на овој древен град , во секоја пора од ова, од Бога создадено парче земја.
Годинава традицијата ја продолжуваме со уште едно возбудливо издание. Вистинско уживање за љубителите на уметноста во традиционалната рамка 12 јули – 20 август. Со голема одговорност, но и обврска максимално се вложуваме да бидеме добри домаќини на многу врвни уметници и докажани театарски куќи. Како директор на фестивалот кој ги вреднува највисоките уметнички вредности, убеден сум дека сме на вистинскиот пат кој води до ѕвездите, пат кој е поплочен со врвна уметност, убавина, енергија, емоции…
Фестивалот „Охридско лето“ изминативе години се потврди како реномиран европски фестивал. Голема привилегија и чест е да се води установа која зад себе има 55 успешни фестивалски изданија испишани со најдобрите и најславните светски уметници. Со огромна возбуда ќе создаваме уште многу успешни приказни исткаени со душата и длабочината на врвната музика и креативните театарски изведби.