Блескав настап на врвната пијанистка Наталија Трул на „Охридско лето“

Перфекција во музичката изведба, добро одбрана програма и безгранична енергија донесе извонредната руска пијанистка Наталија Трул  вчеравечер на подиумот во црквата „Света Софија“ одржувајќи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Вечерта во која публиката уживаше до самиот крај, започна со блескава интерпретација на Соната оп.31 бр 2 d-moll „Бура“ од Лудвиг ван Бетовен со што фестивалот и уметницата која е претставничка на старата руска пијанистичка школа дадоа придонес во одбележувањето на 250 години од раѓањето на големиот композитор, чија девиза дека музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето, денеска е актуелна повеќе од кога и да е.

-Бетовен е еден од моите омилени композитори. Сакам да верувам дека го разбирам неговиот јазик и би била многу среќна доколку успевам да им го објаснам и на другите луѓе, изјави пијанистката Наталија Трул.

Со префинета техника на пијаното, Трул ја изведе и Етидата оп.25 бр.7 од Фредерик Шопен, а во вториот дел од концертот отсвири комбинација на етиди од Шопен и Клод Дебиси.

-Во вториот дел од концертот креирав многу интересна комбинација помеѓу и Дебиси и Шопен. Постои огромна комуникација помеѓу нивните дела, тие си одговараат и се надополнуваат, додаде руската пијанистка.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Даница Стојанова, рече дека станува збор за пијанистка кај која воопшто не постојат никакви пропусти во изведувањето.

-Со Наталија Трул соработувам веќе подолго време. Таа освојува сребрен медал на Меѓународниот натпревар Чајковски. Концертира насекаде во светот и е специфична во своите изведби. Наталија Трул е еден голем, челичен, би рекла машки изведувач, иако е жена. Таа е претставник на типичната стара руска школа кај која нема апсолутно никакви пропусти во ништо, смета селекторката Стојанова.

Оценувајќи како поминаа изминатите музички концерти на 60-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“, селекторката истакна дека овој фестивал во моментов е единствен културен бисер којшто треба да служи како пример во секоја смисла.

-Музичката приказна годинава има фантастична динамика и е ексклузивна. Секоја вечер има разноликост на инструменти и уметници, како и различна програма. Колку и да се важни економијата и финансиите, за Охрид е важна и духовноста. „Охридско лето“ е елита, но не во материјална смисла, туку во смисла на вистинското, духовното живеење, рече Стојанова.

Доказ дека фестивалскиот репертоар годинава е одличен, според селекторката на музичката програма, е тоа што за концертите на класична музика се бара карта повеќе, но како што појасни, има рестрикции во однос на бројот на посетители поради тоа што максимално се почитуваат здравствените протоколи за одржување вакви настани.