Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Нечак и Маја Хрговиќ, копродукциски проект на Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола. Претставата ќе се одигра на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.

„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка кој патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување, се исцртува приказната за нејзиниот живот. На почеток, таа е девојка која сонува и сака да стане славен музичар, но татко ѝ ги потрошил парите за нејзиното школување. Подоцна, таа е зрела жена која сè уште трага по нејзиното место под европското небо, откако целиот свој живот го минува како улична музичарка. Сѐ е на купче. Ја натежнала тешката економска ситуација, комплицираниот однос со пропаднатиот татко, потрагата по место во современа Европа, која сѐ повеќе е социјално исклучувачка, „испредена“ со бодликави жици, ѕидови и секакви ограничувања. Приказната е универзална и е потсетник на позицијата на бројните надарени поединци, кои и моментално бараат засолниште во кое ќе можат да ги развијат своите потенцијали.

Оваа интимна драма, поставена во позадината на општествените случувања во современа Европа, се одвива на границата помеѓу реалниот свет и сонот. Меѓу препознатливите, но често непријатни ситуации на граничните премини и станици, спомените и визиите во кои се преплетуваат, времињата и јазиците, музиката и поезијата, горчината и убавината на животот.

Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј. Автор на стиховите во претставата е Ана Бунтеска. Дарја Доминикуш е драматург, костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф: Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.

