Документарно-играниот филм „Бисер“ вечерва на „Охридско лето“

Во рамките на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе се прикажува документарно-играниот филм „Бисер“, посветен на традиционалниот охридски бисер што ги краси грлата на крунисаните и некрунисаните дами во целиот свет.

Филмот е во продукција на „Браќа Кумев“, а е финансиран од семејствата Филеви и Талеви кои го имаат рецептот за изработка на охридскиот бисер и го пренесуваат на своите потомци.

– Приказната за настанувањето на охридскиот бисер  е многу интересна. Иако сите ние сме слушале разни верзии за настанувањето на охридскиот бисер, вистинската верзија ја дознав од Михајло Филев пред две години. Оттаму дојде и идејата за реализација на ваков проект. Сакав таа тајна што веќе 90 години  се провлекува меѓу охриѓани, да ја споделам со публиката и да режирам нешто што ќе им остане на поколенијата, вели режисерот на филмот, Никола Кумев.

 

 

Документарно-играниот филм „Бисер“ го обработува периодот од 1924 до 1930 година кога познатиот руски емигрант, белогардеецот Јован Субанович им ја пренел тајната на правењето оригинален бисер, на предците на семејствата Филеви и Талеви.

Во играниот филм учествуваат актерите Владо Јовановски, Љупчо Тодоровски –Упа, Стрезо Стаматовски и други

Проекцијата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 19 часот.