Флејтистката Јана Каевска и пијанистот Арда Мустафаоглу синоќа музициираа во рамки на Подиумот на млади

Младата флејтистка Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева и пијанистот Арда Мустафаоглу синоќа настапија во рамките на Подиумот на млади што се одржува во црквата „Света Софија“  како предвесник на фестивалот „Охридско лето“.

Јана Каевска ( 1999 Скопје) музичкото образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Николина Ефтимова Тодоровска. Во моментов е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје како дел од класата по флејта на проф. м-р Страшо Темков. Како ученик, а потоа и студент редовно настапува на училишните концерти и циклусот концерти Musica viva на ФМУ. Добитник е на бројни награди по флејта и камерна музика на државно и меѓународно ниво. Од посебно значење се годинешните настапи на фестивалот “Flute & me” во Загреб, настапот на чествувањето на 70-годишнината на УКИМ како солист, заедно со балетски ансамбл и настапот како солист со Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Борјан Цанев.

Арда Мустафаоглу (2002, Скопје) oд својата седумгодишна возраст освојува награди на државни и меѓународни пијанистички натпревари. Настапува ширум Европа од кои како најзначајни ги издвојуват концертите со Софиската синфониета, Македонската филхармонија, ЕОС квартетот, Мармара квартетот, солистичките рецитали во Модане и Париз (Франција) и настапите во Италија, Германија, Турција, Бугарија, Србија, Грција… Неговиот исклучителен придонес во афирмацијата на градот Скопје во светот, во ноември 2018 година е вреднуван со наградата „13 Ноември“.

Проектот „Подиум на млади“ кој е заедничко чедо на Музичката младина на Македонија и фестивалот „Охридско лето“ ќе биде заокружен вечерва  во 20 часот  во „Света Софија“ со концерти на младата виолинистка Наоми Георгиевска која ќе настапи во пијано придружба на Доминика Робе и сопранистката Мила Јаневска  во пијано соработка со Билјана Петровска.