Француската харфистка Елоиз Карлин-Џонс воодушевена од Охрид
Фестивалот Охридско лето и годинава го продолжи проектот, запознавање на уметниците со древниот Охрид преку прошетка со професионален туристички водич. Француската харфистка Елоиз Карлин-Џонс беше воодушевена од прошетката низ Стариот дел на Охрид. Го посети Античкиот театар, црквата Света Софија, Националниот музеј Куќата на Робевци, се запозна со традиционалната изработка на охридски бисери и филигран.
„Воодушевена сум, научив многу работи за древниот Охрид, историјата, културата и традицијата. Прекрасното Охридско езеро. Благодарна сум на фестивалот Охридско лето за оваа прилика да ги запознам уникатните вредности на убавиот град“, рече француската харфистка Елоиз Карлин-Џонс.
Особено беше фасцинирана од вредните изложбени поставки во Куќата на Робевци.
„Имав можност да видам вредни археолошки експонати од праисторијата до средновековниот период. Прекрасни се уникатните резби, монети, орудие, а особено златниот накит изложен во Златната соба во музејот“, рече Џонс.
Младата харфиста од популарното филигранско ателје ПС Филигран, фамилија Шикалески доби вреден подарок за спомен од Охрид.
Воведувањето прошетки со туристички водич за уметниците на фестивалот Охридско лето од пред две години се покажа како успешен проект, преку кој се врши силна промоција на културно историското богатство на Охрид.