„Танц и песна“ со харфата на Елоиз Карлин-Џонс

Со неколкуте успешни гостувања на врвни солисти и камерни ансамбли, фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер навлезе во втората половина од годинешната 61-ва концертна сезона со звуците на харфата и уметницата Елоиз Карлин-Џонс која настапи во рамките на Француската вечер.

Француската вечер на „Охридско лето“ е традиционален настан веќе 14 години и секое лето на публиката ѝ ги носи најдобрите уметници од Франција.

Прогласувајќи ја вечерта за отворена, амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер истакна дека во изминатите четиринаесет години француското културно присуство во земјава има своја летна престолнина, а тоа е Охрид.

-Француската вечер се втемели како традиција, станувајќи во текот на овие години привилегиран момент за да се претстават млади и идни големи таленти на француската музика, на задоволство на публиката. Така, имавме прилика да ги слушнеме претходните години, дуото составено од обоистката  Аријан Баке и пијанистот Теодор Ламбер, барокниот ансамбл „Маскерина“ или дуото Венсан Миса и Жое Кристоф. Нема да ги набројувам сите солисти што имавме прилика  да ги примиме во ова прекрасно здание на црквата „Света Софија“ зашто листата е премногу долга, рече амбасадорот Бомгартнер.

Францускиот амбасадор упати честитки до директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ за, како што кажа, убаво составената програма и покрај посебните услови на здравствената криза.

-Овој успех е победа преку културата. Би сакал во оваа прилика да му посакам долг живот на фестивалот „Охридско лето“, овој најголем културен настан  во Северна Македонија кој го живее своето шеесет и прво издание. Изразувам желба, стремеж и волја оваа соработка помеѓу Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и фестивалот „Охридско лето“ да продолжи уште многу долги години во рамките на една француско-македонска релација којашто почнува да се засилува во бројни области и дава перспективи за развој што ветуваат, во најголема корист на нашите две земји и на нашите два народи, рече амбасадорот Бомгартнер.

Младата француска харфистка Елоиз Карлин-Џонс преку јасноста и умешноста на звукот на харфата покажа дека е врвен уметник кој совршено владее со инструментот.

-Првпат сум во Охрид, и тоа е навистина голема чест. Програмата беше разновидна, составена од оригинални дела напишани за харфа, но и транскрипции, како на пример Бах. Репертоарот беше специјално направен за фестивалот. Првата половина од концертот беше исполнета со танци, а втората со песни. Поради неверојатната акустика, чувствував како музиката што ја свирам го исполнува просторот, рече Карлин-Џонс.

Таа призна дека изминатиот период од пандемијата кога светот беше парализиран, бил тежок и за уметниците.

-Коронавирусот остави последици. Токму кога се подготвував за магистратурата, вирусот ми ги попречи плановите. Сепак, пресреќна сум што минатата година се вработив во Оркестарот на гардата во Париз, кажа младата франциска харфистка Елоиз Карлин-Џонс.

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“  започна да се одржува  во 2008 година за време на француското претседателство на Европската унија во соработка со Амбасадата на Република Франција во земјава и Францускиот институт во Скопје.