,,Годови“ – приказна за успешната соработката помеѓу „Охридско лето“ и Македонската телевизија

Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечерва од 21 часот ќе биде прикажан проектот „Годови“ посветен на успешната соработка помеѓу „Охридско лето“ и Македонската телевизија.

Модератори на вечерта ќе бидат  Весна Малјановска, музички новинар во Македонската телевизија, научен истражувач во областа на музиката и телевизијата и музикологот Викица Костоска – Пенева.

Проектот „Годови“ (инспириран од истоимениот прв документарен филм посветен на „Охридско лето“ а подготвен од новинарска екипа во 2000-та година)  претставува навраќање и потсетување на значајни уметници и концертни фрагменти, но и изјави од многу личности кои со својата дејност биле неодвоив дел од создавањето и развојот на фестивалот а сето тоа нашло соодветен простор во програмите на Македонската телевизија.

Со овој проект се збогатува  програмата на годинешното „Охридско лето“, и преку телевизиските фрагменти од најзначајните концертни остварувања од минатото се приближува до фестивалската публика со што се додава уште една нова форма на соработка помеѓу двете важни институции од областа на културата, Македонската телевизија и „Охридско лето“.

МТВ уште во првите години од своето формирање започнува да ги следи и реализира настаните од најзначајните музички манифестации во Македонија, концепт кој и денес е присутен во програмското уредување.

Македонската телевизија низ годините од 1961-2021 фестивалот „Охридско лето“ го поставува како активен фактор во музичкиот живот. Снимените емисии претставуваат своевиден телевизиски спектакл отворен за уметниците кои на телевизискиот аудиториум им ја пренесуваат сета своја слобода и креативна одговорност.

Соработката помеѓу Македонската телевизија и фестивалот „Охридско лето“ континуирано трае повеќе од педесет години. Бројни преноси на концерти во живо, документарни филмови и емисии, новинарски прилози, интервјуа, хроники, снимки и јавувања се реализирани и емитувани на програмите на Македонската телевизија. Тоа трајно сведоштво за историјата на најголемиот фестивал од областа на културата кај нас „Охридско лето“ е сочувано во архивите на Македонската телевизија, несомнено најважен медиумски партнер кој придонесува за афирмација на фестивалот.

Обемната музичка продукција на Македонската телевизија бележи разни телевизиски форми на претставување на музичката програма реализирана од фестивалот „Охридско лето“. Концертната програма брои близу петстотини емисии каде се евидентирани настапите на врвни светски и домашни музички уметници. Емисиите ,,Бисовите на Охридско лето“, „Хроники на Охридско лето“ , „Охридските денови на Моцарт“ даваат  осврт кон одредени музички случувања од фестивалот. Телевизиската форма – интервју се сретнува во емисиите со наслов ,,Средба со…“ во која најпознатите новинари во редакцијата за класична музика и редакцијата за култура ги интервјуираат  познатите: Хозе Карерас, Џеси Норман, Инва Мула, Енио Мориконе и многу, многу други музички ѕвезди. Јубилејните години и годишнини на фестивалот „Охридско лето“ МТВ ги претставува преку своите документарни емисии ,,Ѕвездите на Охридско лето“, „Со ѕвездите до ѕвездите“ во кои преку свои изјави вклучени се клучните личности кои влијаеле во развојот на најголемиот македонски фестивал.

Македонската телевизија уште од самите почетоци низ своите програми ја презентира музичката уметност. Првите  музички програми датираат од 1958 година кога на екраните во Македонија се емитувале концертни програми во продукција на Италијанската Радио Телевизија (РАИ). Првото програмско остварување ,,Балетски концерт“ датира од 13 мај 1961 година реализирано во телевизиското студио во  Белград, а  првите евидентирани музички емисии во Архивата на МТВ се Концертот на ,,Гевен хаус“  од фестивалот „Охридско лето“ и ,,Музичко интермецо“.