Славниот Енио Мориконе и нашата врвна обоистка Гордана Јосифова-Неделковска приредија вистинско уметничко уживање на 49-то Охридско лето.
Светски познатиот композитор и диригент Енио Мориконе, кој денеска почина на 91 годишна возраст, на Свеченото отворање на Охридско лето во 2009 година настапи со обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, долгогодишен селектор на музичката програма на Фестивалот.
За обоистката Јосифова Неделковска, Мориконе е уметникот кој го одбележа Отворањето на Охридско лето 2009 а неговото име се запиша со златни букви во фестивалската историја. Настан што се уште се памети а фестивалот со учество на ваквите уметници се вбројува во листата на престижни евроспки фестивали.
-
Веднаш по пристигнувањето во Охрид заедно со својата сопруга и претставници од Фестивалот имавме прием кај Претседателот на државата кој воедно и покровител на фестивалот. Маестро Мориконе веќе ја имаше информацијата дека музичкиот селектор е уметник обоист и на средбата јавно изрази желба да настапам на концертот на свеченото отворање со изведба на познатото соло Обоата на Габриел. После индивидуалната проба на која со голема возбуда и малку трема му ја отсвирав оваа преубава тема, маестро Мориконе рече – „Задоволствотот е мое, се гледаме вечер на проба со оркестарот“ Следеше успешна генерална проба а возбудата кај мене стануваше се посилна како се наближуваше концертот. Антички театар беше исполнет и во гледалиштето и околу имаше уште толку посетители. Тивка и мирна ноќ исполнета со музиката на големиот композитор, долги аплаузи и стоечки овации. Мојот настап беше на крај на програмата, предвиден како бис.
-
Според Јосифова-Неделковска чест, привилегија и исполнување на животен сон е личната покана од маестро Мориконе да се биде на сцена заедно со него како диригент и да се изведе најголемиот бисер напишан за нејзиниот инструмент – Обоата на Габриел .
-
За мојата посветеност на обоата во текот на целиот живот ја добив најубавата награда. Изведба полна со емоции, длабока почит за дадената можност да се сподели на иста сцена музиката со генијалниот композитор. Вечер за паметење, искуство кое ме стави во рангот на привилегираните. Добив уште еден подарок од маестро Мориконе – тој дозволи само мојот настап да биде снимен од страна на МРТВ а со тоа да остане вечниот спомен на неговото учество на фестивалот Охридксо лето.
-
Со нетрпение но и голема вознемиренст го чекав моментот кога маестрото ќе го каже своето мислење за мојот настап. Неговите зборови се уште звучат во мојата глава:
„Би сакал да ве имам постојано во мојот оркестар, ова беше посебно доживување за мене. Ме плени вашата емоција !“
Но она што остана во архивата на фестивалот е неговиот исказ на прес конференцијата на која тој рече (Дневник 13.07.2009) „ Ме смири нејзиното свирење. Толку е внимателна, елоквентна и прецизна во изразот што веднаш ме воодушеви кога ја слушнав. Не очекував дека ќе чујам таков настап “