Вечно благодарни на славниот Мориконе кој ја круниса уметничката вредност на Охридско лето

Големите уметници оставаат големи дела зад себе по кои вечно ќе ги паметиме и после нивната смрт. Ќе им бидеме вечно благодарни за гламурор и уметничката вредност која ја оставиле на фестивалската сцена. Незаборавното музичко доживување на светскиот композитор и диригент Енио Мориконе, со чиј настап на Античкиот театар во Охрид беше отворено 49- годишното Охридско лето, ја круниса уметничката вредност на фестивалската историја на Охридско лето. Вистинските уметнички вредности оставаат вечни траги кои ќе се паметат и после смртта. Творечкиот дух, богато и големо творештво на  оние кои секогаш се издигнуваат над останатите остануваат за навек запаметени.

Огромна и вечна ќе биде благодарноста за придонесот на големото композиторско име, оскаровецот Енио Мориконе во развојот и афирмацијата на оваа врвна светска културна манифестација.

Искрено жалиме што заминува  уште еден  голем уметник, кој со неговите дела остави неизбришливи траги во историјата на Охридско лето. Како диригент со повеќе од двесте уметници, хорот на Македонската опера и балет и филхармонискиот оркестар „Гјор“ од Унгарија, неговиот неповторлив настап на свеченото отворање во 2009 год се врежа во меморијата на бројни љубители на уметноста кои и ден денес се присетуваат на двочасовната филмска приказна, во која имаше композиции од повеќе легендарни филмови како „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот запад“, „Недопирливите“, „Мисија“, „Сицилијанскиот клан“, „Една ноќ на вечера“, „Грст динамит“, „Битката кај Алжир“, „Истрага на граѓанин под сомнение“, „Така тврди Перира“, „Работничката класа оди во рајот“… Од сцената на Античкиот театар маестрално прозвучија 20-те филмски музички теми, кои оскаровецот Мориконе ги создал во својата долга и богата композиторска кариера.

Античкиот театар беше претесен за оние кои сакаа да уживаат во настапот на големиот композитор. По секоја музичка целина следуваа гласни аплаузи и овации од гледачите што од почит кон композиторот застануваа на нозе и бараа уште музика. Глетка која е ретка но и достојна за големината на 60 години успешното опстојување на Фестивалот. Мориконе пак ја награди публиката со три биса, што беше реткост на неговите настапи. Како изненадување, на обоа настапи и Гордана Јосифова-Неделковска, тогашниот музички селектор на фестивалот.

„Ме смири нејзиното свирење. Толку е внимателна, елоквентна и прецизна во изразот што веднаш ме воодушеви кога ја слушнав. Не очекував дека ќе чујам таков настап“ –изјави Мориконе при престојот во Охрид.

Музички совршениот Мориконе ќе остане запаметен како уметник кој на повеќеилјадната публика и приреди концерт кој нема да се повтори токму како и самиот негов наслов „Беше еднаш во Македонија“, настан кој во е реткост и претставува вистинско доживување да се биде дел од него.

Неизбришливи ќе бидат и воодушевувањата на Мориконе од Охрид и Античкиот театар како и од можноста неговиот концерт да се одржи на тој простор.

„Избегнувам да давам премногу комплименти, но ова е еден посебен град, посебно место и тоа сакам да го нагласам во оваа прилика. Голема чест ми е што јас ќе го отворам фестивалот „Охридско лето“.

Светски познатиот италијански композитор Енио Мориконе (Ennio Morricone) добитник на престижната филмска награда Оскар и Медал за заслуги за Македонија, почина на 91 годишна возраст.

Според италијанската новинска агенција АНСА, Мориконе починал во клиника во Рим како последица на пад минатата недела, кога скршил бутна коска.

Композиторот во својата плодна животна кариера стои зад музиката за преку 500 филмови за некои од најбитните режисери на 20. век како Бертолучи, Серџо Леоне, Пазолиини, Оливер Стоун,  Алмодовар, Брајан Де Палма, Бери Левинсон, Терек Малик и многу други.

Енио Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година. Познат по своите бројни филмски музички теми, од кои 30 напишал за вестерн филмовите, по кои ќе стане препознатлив. Неговиот карактеристичен и мошне имитиран стил на компонирање за овој жанр на филмови може да се долови преку музиката за филмот Добриот, лошиот и грдиот на режисерот Серџо Леоне со кого Енио Мориконе имал долга и плодна соработка.