„Илијада“ најголем театарски проект на 58-то „Охридско лето“

https://www.mia.mk/mk/Inside/RenderSingleNews/134/134416503

 

Охрид, 21 август 2018 (МИА) – Претставата „Илијада“ од Хомер на Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана , Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, со кој беше затворено 58. Охридско лето беше најголем театарски проект на годинaшното фестивалско издание, оценија организаторите.

Публиката беше задоволна од врвната актерска игра во приказната инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата почна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столчиња, проследени со визуелни ефекти ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“. Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое беше препознатливо за целата публика.

Актерската игра се одвиваше пред сцената на Античкиот театар со што гледалиштето беше поставено, централно, во правоаголна форма. Странично беа поставени конструкции со рефлектори со што беше невозможно да се следи од краевите на Антички, за што беше информирана публиката.

– Поради спецификата на претставата што се играше пред сцената на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено. Доколку поставевме публика на страничните места на Антички ќе беше невозможно да се следи претставата и токму поради тоа се ограничивме само на предниот дел, а протоколот го сместивме на самиот партер, појасни директорката на Фестивалот Сузана Вренцовска

Од следната година, како што најави, за вакви специфични претстави ќе бидат направени платна со кои ќе се покријат местата од каде што не може да се гледа претстава, со цел да не се добие погрешен впечаток за исполнетоста на Античкиот театар.

– Она што сепак е најважно е тоа дека со „Илијада“ го имавме најголемиот театарски проект на „Охридско лето“ и на Античкиот театар, нагласи Вренцовска.

Свеченото затворање на фестивалот го проследија министерот за култура Асаф Адеми, заменик-министерот Владимир Лазовски, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, познати личности од театарскиот свет, пратеници, советници, како и луѓе од бизнис-секторот, поддржувачи и пријатели на „Охридско лето“. сс/мд/13:30

###