„Илијада“ за крај на 58-то „Охридско лето“

Со театарската претстава „Илијада“ од Хомер , во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечкиот народен театар – СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија утревечер ќе биде спуштена завесата на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претставата ќе се одигра на Античкиот театар со почеток во 21 часот. Директорот  на  Словенечкиот народен театар Игор Самобор, режисерот Јернеј Лоренци и дел од актерската екипа денеска на прес-конференција изразија задоволство што првпат ќе играат под  отворено небо и во амбиент којшто одговара на самата претстава.

-Словенечкиот народен театар неколку пати  гостуваше на фестивалот „Охридско лето“, но никогаш со ваков проект. Среќни сме што првпат претставата „Илијада “ ќе ја играме во оригинална атмосфера, на отворено. Секогаш ја играме во големи сали. Иако е многу интимна претстава, првпат ќе биде во вистински антички театар, но и јужно до грчката граница. Сега сме најблиску до оригиналот, рече директорот на Словенечкиот народен театар Самобор.

Режисерот Јернеј Лоренци истакна дека текстот на  хомеровата „Илијада“можеби е најголемиот текст во Европа и светот и всушност  е суштината на човечката заблуда односно суета.

-Тоа што за мене е најубаво во тој прв голем текст во Европа, дури можеби и во светот е дека таму е суштината, јадрото на човечката заблуда, а тоа Грците го нарекуваат хибрис што значи суета. Значи од кога човекот станал свесен за себе, мисли единствено на самиот себе и тоа е клучното. Секој континуирано повторува јас, јас…. Тој текст ја открива најголемата маана на човечкото постоење која секако никогаш нема да биде разрешена. Друга работа е што глумците спротивно од суетата заеднички ја изведуваат претставата,  рече режисерот Лоренци.

Дел од актерската екипа на денешната прес-конференција најавија дека публиката ќе ужива во прекрасен проект.

Претставата „Илијaда“ е иновативна и величествена. Колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започнува како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седат на столици, раскажувајќи ја крвавата историја за „Илијада“ на микрофони. Микрофоните не се само за да се збогати звукот на зборовите, туку целата изведба е изградена од музика и поетскиот ритам хексаметар, слично како отчукувањата на срцето и одекот на коњскиот кас. Раскажаниот вовед полека прераснува во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое е препознатливо за целата публика.