Концерт на Марија Ѓошевска вечерва на Охридско лето

Во рамките на музичкиот дел од програмата во „Света Софија” со почеток од 20 часот солистички концерт ќе одржи Марија Ѓошевска, една од најистакнатите пијанистки во земјата.       

Критиката вели дека секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Музичкото образование го започнува во Неготино во класата на проф.Камелија Кулакова, а средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” во класата на проф.Снежана Анастасова – Чадиковска. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф.Борис Романов.

Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: „Охридско лето”, „Скопско лето”, „Интерфест” – Битола, “Хераклејски вечери” – Битола и во повеќе земји низ Европа и светот: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Филхармонијата на Р.Северна Македонија, а значајни се и концертите со Дубровничкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето” соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др.

Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Член е на камерното трио „ВАМ“ со виолинистот Владимир Костов и челистот Александар Котевски, а како пијано дуо соработува со Елена Атанасовска -Ивановска.

Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2009 до 2011 година учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Северна Македонија. Во 2016 г. Ѓошевска ја добива престижната награда „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во Р. С. Македонија, а во 2018 ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања.

Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано и раководител на трет циклус – докторски студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Северна Македонија и член  на Сојузот на музички педагози на Република Северна Македонија.