Концерт за виолина и пијано со српски уметници на „Охридско лето“

Музичката програма не фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе продолжи со концерт на виолинистот Владимир Марковиќ и пијанистката Јулијана Шуловиќ од Србија.  Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Владимир Марковиќ започнува да учи музика во родната Приштина, а продолжува во училиштето за таленти во Ќуприја. На само 14 години станува студент на Академијата во Нови Сад во класата на Павел Верников, а потоа го завршува образованието на Државиот музички колеџ „Чајковски“ во Москва ( кај проф. М. Глезарова) и на Московскиот конзерваториум (проф. С. Кравченко). Магистерската титула ја добива на Универзитетот на Источно Сараево во Босна и Херцеговина (проф. И. Јашвили), а докторските студии ги завршува на Универзитетот Слобомир во Бјелиња (Бих).

Владимир Марковиќ е победник на повеќе натпревари во поранешниот Советски сојуз и поранешна Југославија. Настапува во Германија, Австрија, Италија, Франција, Грција, Кипар, Србија, а соработува со диригентите: Рудолф Баршаи, Константин Кримец, Павел Коган.  Концерт-мајсторската позиција ја зазема во Камерниот оркестар „Виртуози ди Кумо“ во Финска, Камерниот оркестар „Симфониета“ во Белград, камерниот оркестар „Гудачи на Св.Ѓорѓе“. Подеднакво активен како солист и педагог, тој држи мајсторски курсеви и е член на меѓународни жирија. Марковиќ е шеф на катедрата за гудачки инструменти на Универзитетот на Источно Сараево, а предава и на Универзитетот „Слобомир“ и во музичкото училиште „С. Мокрањац“ во Белград.

Јулијана Шуловиќ започнува да учи пијано на 5 годишна возраст во училиштето „Јосип Славенски“ во Белград каде го завршува нижото и средно музичко училиште во класата на Драгана Трајиќ. Дипломира на Музичката академија во Белград кај професорите Игор Лазко и Јасмина Гавриловиќ. Специјализира и ги завршува пост-дипломските студии на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва кај проф. Михаил Воскресенски. Победничка е на повеќе натпревари во поранешна Југославија, а концертната кариера ја гради како во земјите на регионот така и во Русија, Естонија, Италија, В. Британија, Романија, Грција и др. Остварува снимки за РТВ Белград, ТВ Нови Сад и Радио Скопје, а нејзините снимени и издадени материјали вклучуваат ЦД со виолончелистот Милета Станковиќ, ДВД со наслов „Омилени виолински концерти за основното музичко образование“ и „Сонати за виолина и пијано“ -двете со Владимир Марковиќ и ДВД со изведби на барокни сонати за виолина и пијано. Активна и како музички публицист- таа е автор на тв-емисии посветени на годишнините на Моцарт и Брамс, а реализира и интервјуа со Јуриј Башмет, Миша Мајски и Гидон Кремер. Јулијана Шуловиќ предава на Универзитетот на Источно Сараево и во музичкото училиште „С. Мокрањац“ во Белград.