Концерти на саксофон квартетот „Сигнум“ и на „Гоце Стефкоски септетот“ на „Охридско лето“

Со концертите на германскиот саксофон квартет „Сигнум“ во црквата „Света Софија“ и на „Гоце Стефкоски септетот“ на сцената Долни Сарај продолжува музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

„Сигнум“ со сочинуваат четворица саксофонисти, четворица млади уметници за кои критиката вели дека во својата музика носат смеса на мажевност и сензитивност. Свирејќи главно без ноти пред себе, тие спонтано се наметнуваат на публиката, во линија со самата музика што ја изведуваат. Нивната перфекција во изведбите се восприма како нешто очекувано…

Уметниците Блаж Кемперле, Ерик Нестлер, Алан Лужар и Гуерино Белароса го формираа „Сигнум“ во Келн во 2006 година. Тие се академски музичари дипломци на музичките универзитети во Келн, Виена и Амстердам, со бројни награди и настапи на повеќе фестивали и престижни сцени низ Европа.

На програмата на концертот што ќе почне од 20:30 часот се дел на Равел, Шостакович, Гершвин, Барбр, Пјацола, Корија, Зарвос.

На сцената Долни Сарај со почеток од 22 часот концерт во рамки на „Охридско лето“ и на „Гоце Стевкоски септетот“.

Гоце Стевковски важи за еден од најквалитетните и најбараните македонски тапанари и перкусионисти. Тој е познат по неговите настапи со исклучителните уметници и бендови како Кирил Џајковски, „Леб и сол“, „Архангел“, „Ласт експедишн“, „Проект Жлуст“, „ДНО“, Никола Коџабашија, Бодан Арсовски и „Езгија“, Шаревски квартет, Зоран Маџиров и др. Неговиот прв албум насловен „Седум приказни“ носи индивидуален стилски и музички печат, а е реализиран со некои од најквалитетните македонски џез-музичари: Крие Кузманов, Иван Иванов, Трајко Велков, Дамир Имери, Сашко Николовски, Александар Николов и Оскар Салас. Изданието е објавено од „Пасворд продукција“ и содржи седум композиции напишани од Стевковски.

Гоце Стевковски настапува на бројни интернационални фестивали меѓу кои „Егзит биар фест“ (Exit beer fest) и „Умбрија џез“ во Белград, „Грин фест“ во Инџија, на фестивали во Загреб, Париз, Италија, Канада и др. Учествува во повеќе работилници и проекти, театарски претстави и музика за филм.