Концертите на „Охридско лето“ во живо преку интернет

Дел од настаните на годинешното издание на програмата на реномираниот фестивал „Охридско лето“ ќе бидат пренесувани во живо преку интернет.

Концертите на Камерниот оркестар на Битола и Влатко Стефановски, РОК СИМФОНИЈА, кој на сцената „Долни Сарај“ е на 16 август и Вечер на романтична музика за виола со Блерим Груби и Марија Вршкова на 19 август во црквата „Света Софија“, ќе може да се следат во живо на веб-страницата на „Охридско лето“ www.klinika.unet.mk.

Видео-преносот ќе може да се следи и преку најавените линкови на фејсбук, како и на веб-порталите на медиумските спонзори на оваа најзначајна културна манифестација.

Лајв-стримингот е новина што се практикува на сите светски фестивали. „Охридско лето“ во соработка со генералниот спонзор T-Home ја воведе ваквата практика на веб-продукција со цел фестивалот да се доближи до најсовремените технолошки ИТ достигнувања.

-Веќе неколку години на задоволство на нашата публика, успешно го спроведуваме ваквиот начин на пренос. Она што посебно не’ радува е реакцијата на љубителите на уметноста кои од какви било причини не се во можност да бидат во гледалиштата. Токму затоа на овој начин им ја доближуваме уметноста и им овозможуваме да уживаат во концертите од фестивалската програма, велат од „Охридско лето“.

Оттаму додаваат дека овој начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, како новина, постојано ќе се осовременува , но и ќе опфати поголем број настани.