Традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ годинава беше во знакот на познатиот Варшавски хармоникашки квинтет кој синоќа одржа концерт во црквата „Света Софија“ .
Овој музички состав го сочинуваат виолинистките Марија Маховска-Залах и Јустина Баран, Марек Чех на виола, виолончелистката Александра Охар- Справка, како и Клаудиуш Баран на хармоника и бандонеон. За публиката на „Охридско лето“, тие донесоа композиции од Дворак, Швидер и Пјацола.
– Прекрасно е чувството да се биде овде, на ова место кое е посебно убаво, исто како и просторот каде што настапивме. Ја читав историјата на црквата „Света Софија“ пред да дојдеме и многу ме воодушеви. Многу сме задоволни од концертот. Акустиката во црквата е одлична, а публиката внимателно не следеше, изјави уметникот Марек Чех.
Варшавскиот хармоникашни квинтет првпат настапува пред публиката на фестивалот „Охридско лето“, но и во Македонија.
– Јас претходно сум слушнал за фестивалот. Сум гледал и слики од градот, но искрено, градот е поубав во живо, додаде Чех, кој по настапот на „Охридско лето“, исто како и неговите колеги од квинтетот заминува на одмор.
Почесниот конзул на Република Полска во Република Македонија, бизнисменот Коста Костовски, истакна дека од година во година, на фестивалот „Охридско лето“ доаѓаат се ’ подобри и подобри уметници од Полска.
– Охридско лето“ како еден од фестивалите што имаат најдолга традиција заслужува вакво нешто и се надевам дека во иднина, соработката што ја имаме со „Охридско лето“ ќе продолжи и понатаму. Ние како почесен конзулат и како Еуростандард банка ќе продолжиме исто така да го поддржуваме фестивалот. Присуството на најдобрите уметници од Полска на овој фестивал ќе биде направено од страна на професионалците, а нам ќе ни остане да им ја дадеме поддршката и за некоја година да имаме отворање на „Охридско лето“ со полски артисти, рече Костовски.
На концерот во рамки на традиционалната Полска вечер на „Охридско лето“ присуствуваше и амбасадорот на Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски.