Магични звуци на флејта и пијано со Тарпагос и Харитиду

Звуците на флејтата и пијаното што вчеравечер одекнуваа во катедралната црква „Света Софија“донесоа нова и возбудлива вечер. Грчките уметници, флејтистот Захаријас Тарпагос и пијанистката Валерија Харитиду ја воодушевија публиката на „Охридско лето“ со својот специјално избран репертоар за фестивалот и вештината со која владееја на своите инструменти.

И двајцата настапија првпат на фестивалот, но како што рекоа, се изненадени од нивниот престој во Охрид.

 Ова е прв концерт како рецитал после  периодот кога бевме затворени заради пандемијата, но интимноста и помалиот број публика направија да се чувствуваме толку многу посебно.Почестен  сум и многу изненаден од организираноста на овој фестивал. Од висококвалитетната организација, до врвните уметници, се е на време, што многу ни олеснува нам. Просторот каде што ги одржавме пробите и настапивме е исто така извонреден. Плени црквата „Св. Софија која е стара околу илјада години и која преку фреските на ѕидовите раскажува приказни од минатото. Што се однесува до акустиката, таа е прекрасна и е еден вид на магија, во склоп со енергијата и вибрациите кои ги дава оваа црква. Си замислувам црква стара 1000 години низ неа поминале илјадници луѓе, 1000 приказни, молитви, голема историја, рече флејтистот Захаријас Тарпагос.

И за пијанистката Валерија Харитиду, концертот во рамки на фестивалот „Охридско лето“  беше ново патување во светот на класичната музика, како што рече, во незаборавен амбиент.

-Многу сум возбудена поради ова волшебно место, оваа прекрасна црква.Многу сме среќни што сме тука и што во духот на оваа црква ќе можеме да ја свириме нашата прекрасна музика.Имавме многу концерти низ светот но поради  здравствената пандемија се се прекина. Се уште немаме некои конкретни планови за во иднинано сме отворени за сите добри понуди, истакна Харитиду.

Според флејтистот Тарпагос, делењето позитивна енергија и добри вибрации во живо не може да се спореди со она што доаѓа преку јутјуб или другите интернет алатки.

-Споделувањето е најважната работа.Има многу информации кои доаѓаат и си одат, но ако ги слушате овие дела по 100 пати на јутјуб или спотифај , апсолутно не се споредува со тоа колку е ценето од страна на публиката кога се изведува во живо, додаде младиот флејтист.

Двајцата уметници кои допатуваа од Грција приредија волшебен микс на класична музика од различни столетија, од периодот на доцниот барок со  Јохан Себастијан Бах, потоа изведоа дело до синот на овој голем компоизтор, исто така одличен автор на класични дела, Карл Филип Емануел Бах од кого беше отсвирена Сонатата за флејта во  d-dur,  потоа следуваше Моцартовата Соната во –moll.

Во вториот дел од концертот преовладуваше романтичната музика преку Сонатата за флејта и пијано „Удине“ од Рајнеке која ја донесе прекрасната приказна за духот  што излегува од вода и за заљубува во човек, заколнувајќи се дека нема да го бакне за да остане над водата, но сепак бива предаден од страна на човекот и останува засекогаш во водата. Крајот на прекрасната вечер на класична музика беше заокружен со дела од Сибелиус и Брамс.