Миленковиќ: Охрид е прекрасен, уникатен и единствен
„Охрид е прекрасен. Не сум знаел дека е толку уникатен и единствен, едноставно сум воодушевен“, рече познатиот виртуоз на виолина Стефан Миленковиќ од Србија , при неговата прошетка низ градот со професионален туристички водич.
Заедно со неговиот колега пијанистот Владимир Милошевиќ беа воодушевени од културно-историското богатство во стариот дел на градот.
– Многупати сум бил во Охрид , сум настапувал на концерти, но никогаш не сум имал прилика да прошетам и да ги слушнам овие факти за 365-те цркви, за првиот карантин во Европа, за најстариот музеј и универзитет пред Болоња, за светите Климент и Наум. Среќен сум што имав ваква прилика овозможена од фестивалот „Охридско лето“, рече Миленковиќ.
-И јас сум бил во Охрид , но никогаш не сум прошетал со професионален туристички водич. Ова е прекрасна можност да се зазпознае културата, традицијата и историјата на овој толку посебен, прекрасен град. Пресреќен сум што имав ваква можност, рече Милошевиќ.
Со голем интерес двајцата врвни музичари ја слушнаа и вековната приказна за охридските бисери од семејството Филеви. Михајло Филев како добар домаќин им подари бисерни манжетни за спомен од Охрид.
-Воодушевен сум од охридските бисери и начинот на нивното производство. Многу сум благодарен за овој подарок и секаде ќе раскажувам за гостопримството во Охрид, рече Миленковиќ.
Фестивалот „Охридско лето“ оваа година за прв пат воведе туристички водич за уметниците. Целта е врвните светски музичари и актери да ја слушнат приказната за древниот Охрид и да понесат и споделат незаборавнни спомени.