Одличен репертоар и интересни инструменти донесе „Терем“ квартетот на „Охридско лето“

Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани донесе синоќа рускиот квартет „Терем“ на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“.

Страсната и жива музика која се создаваше на традиционалните руски инструменти и низ која звучеа акродите на руската душа, не ја остави рамнодушна публика во црквата „Света Софија“. Овој состав синоќа музицираше на сопран домбра, бајан/хармоника, алт домбра, како и на контрабас, инструменти кои исто како и концертната програма, привлекоа големо внимание.

„Терем“ квартетот на чиј репертоар се наоѓаат дела од класичната музичка литература, обработка на стари руски фолклорни мотиви и соверемена музика од различни жанрови, се претставија со внимателно одбран репертоар, почнувајќи од Руските страсти на Токата и фуга во d-moll, преку Фантазијата на тема на аријата на Принцезата Лебед од „Сказната за Цар Салтан“, па продолжи со Алегрето од Сонатата бр. 17 d-moll од Бетовен, а се изведоа и дела од Сергеј Рахмањинов, Валентин Гаврилин – Тарантела,  Чајковски и Шуберт.

Вториот дел концертот  исто така донесе богатство од автори, како Владимир Иванов, Дмитри Шостакович, Стефан Грапели, Жерардо Матос Родригез, Џорџ Гершвин, Лало Шифрин, како и музика од филмовите на Чарли Чаплин.

Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм. Креативноста ја црпат од руската уметност и од старите традиции, поради што честопати ја претставуваат Русија во светот.

Нивните настапи го рефлектираат живеењето и музиката на 21 век- позитивно, енергично, полно со радост и љубов што говори за фундаменталните вредности на квартетот „Терем“ и нивната желба да го направат светот поубаво место за живеење.