Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчера во црквата „Света Софија“ се одржа Завршен концерт од Меѓународниот семинар по виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика.
Семинарот се одржа под уметничко раководство на реномираните професори виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулијева.
-Годинава имаме вкупно 16 учесници од Ирска, студенти од Белградскиот факултет, од Факултетот во Сараево, од Академијата во Загреб, исто така имаме и шест учесници од Москва, поточно од Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“. Имаме учесници и од Факултетот за уметност во Грац каде што работам и јас, вели Перцан.
Според него, за одбележување е што и годинава составот на младите уметници е различен. Сите доаѓаат од различна средина, се на различно ниво, но како што вели, го дадоа максимумот.
-Имавме мошне интензивен семинар. Секоја година работата е доста интензивна, но годинава ми е посебно драго што имаат толкава шанса да ги подобрат и знаењето и способностите. За семинарот се слуша надалеку што ми е посебно мило. Токму затоа секоја година ги прошируваме неговите рамки, додава Перцан.
Меѓународниот семинар по виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.