Млади уметници ги презентираа стекнатите музички вештини на „Охридско лето“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчера во црквата „Света Софија“ се одржа Завршен концерт од Меѓународниот семинар по  виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика.

Семинарот се одржа под уметничко раководство на реномираните професори виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулијева.

-Годинава имаме вкупно 16 учесници од Ирска, студенти од Белградскиот факултет, од Факултетот во Сараево, од Академијата во Загреб, исто така имаме и шест учесници од Москва, поточно од Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“. Имаме учесници и од Факултетот за уметност во Грац каде што работам и јас, вели Перцан.

Според него, за одбележување е што и годинава составот на младите уметници е различен. Сите доаѓаат од различна средина, се на различно ниво, но како што вели, го дадоа максимумот.

-Имавме мошне интензивен семинар. Секоја година работата е доста интензивна, но годинава ми е посебно драго што имаат толкава шанса да ги подобрат и знаењето и способностите. За семинарот се слуша надалеку што ми е посебно мило. Токму затоа секоја година ги прошируваме неговите рамки, додава Перцан.

Меѓународниот семинар по  виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.