Мултимедијален проект во рамки на дополнителната програма на „Охридско лето“

„Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“ е насловот на мултимедијалниот проект на уметникот Драган Спасески Охридски којшто заедно со пресекот од неговите најзначајни ликовни и поетски дела  ќе биде промовиран во рамките на дополнителната програма на  фестивалот „Охридско лето“,вечерва, со почеток во 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.

Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис“.

Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург.

Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.