Неколкукратни стоечки овации и три биса за пијано-мајсторот Штаркман

Брилјантно-виртуозниот руски пијанист Александар Штаркман вчеравечер настапи на фестивалот „Охридско лето“ со двочасовен концерт кој беше вистинско уживање за присутните и уште еднаш потврди дека музиката е највозвишена уметност која до срж може да го допре човечкото битие токму кога ја интерпретира уметник со огромна префинетост.

Со голема леснотија Штаркман владееше со пијаното а за неговото музицирање на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ беше неколкукратно награден со стоечки овации и три биса на публиката меѓу која беа и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, како и министерката за култура, Ирена Стефоска.

-Уште не можам да процесирам како се чувствувам бидејќи концертот само што заврши. Прекрасен град во прекрасна држава кој има извонредни глетки, навистина посебно е сѐ. Мислам дека и токму тоа и овозможува на публиката да ја апсорбира, да ја вкуси музиката и помага за да ја разбере подлабоко. Сум бил неколку пати во Охрид, но на „Охридско лето“ досега не сум настапувал. Честа е огромна,  рече Штаркман по завршувањето на прекрасната концертна вечер на фестивалот „Охридско лето“.  

Неговата изведба на „Сонатата во G-dur K.238 од Волфганг Амадеус Моцарт,  Бетовеновата „Соната  бр.3 h-moll оп.38, композицијата „Огледала“ од Морис Равел, како трите става од делото „Петрушка“ на рускиот композитор Игор Стравински ја красеше сензитивитет, мека рафинираност, убавина на звукот и стилска уверливост.

Александар Штаркман е еден од  најмузикалните светски елитни мајстори на пијаното.Во 1995 година ја добива првата награда на меѓународниот натпревар „Бузони” во Болцано во Италија по што следуваат бројни покани за рецитали и настапи со оркестар ширум Европа во следните неколку години. Освен во Европа, настапува и во Азија, САД, како и во земјите на Јужна Америка. За неговиот пијанистички артизам при дебитанските настапи во Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк добива бројни пофалби од страна на публиката и музичката критика.