„Охридско лето“ со православна духовна музика во катедралата „Света Софија“
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“ организира голем велигденски концерт на кој настапи вокалниот ансамбл „Ноктурно“ од Белград, Република Србија.
Програма беше составена според значењето на Великата Седмица во која се наоѓа православниот христијански свет, со духовна музика од српски и руски композитори. Црковната акустика даде дополнителен амбиент и измами бурни овации и бисеви за ансамблот со кој диригираше маестро Ѓорѓе Станковиќ.
-Првата половина од програмата со која настапивме беше заснована на страдањето на Исус Христос до Велики Петок, а потоа следуваше и голема литургиска радост за Христовото Воскресение. Навистина се потрудивме, таа енергија и радост за најголемиот христијански празник, однапред да ја споделиме со публиката на „Охридско лето“, вели диригентот Станковиќ.
Овој исклучително вреден и професионален музички состав воспостави блиска врска со публиката уште со воведната композиција „Оче наш “ од православниот композитор и руски оперски пејач Николај Николаевич Кедров која траеше се’ до последната композиција „Радујте сја људије“ од Џузепе Сарти и Захарија Мјасњиков. На репертоарот беа и дела од Дмитриј Дворецки, Александар Андреевич Архангелски, од српскиот композитор и диригент Александар Гавански, потоа од Петр Иванович Турчанинов, од Артемиј Лукијанович Ведељ, од Георгиј Максимовиќ, Димитриј Бортањски, како и од композиторот Леонид Дмитриевич Малашкин.
-Огромна е честа што сме поканети да учествуваме на овој голем фестивал, но сме и многу радосни што токму овде добивме голема инспирација од амбиентот на самата црква и од публиката која не’ пречека со чисто срце, истакна Станковиќ.
Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ е формиран кон крајот на 2005 година, а членовите на овој состав, пред се’, се професионални членови на хорот во Операта на Народниот театар во Белград. Ансамблот во зависност од потребите настапува како октет, двоен октет, проширен хор или како поединечен машки или женски состав.
– Членовите учествуваат во сите оперски претстави што се на нашиот репертоар,но ги негуваме и духовните композиции. Од една страна, ваквите црковни композиции можат да се изведуваат во амбиент каков што е „Света Софија“, па дури некогаш да се побара и благослов од свештенството. Од друга страна, изведуваме и композиции што имаат целосно духовен карактер, но ги прилагодуваме на концертните подиуми каде што настапуваме, додава Станковиќ.
Концертот на кој настапи машкиот ансамбл „Ноктурно“ се организира во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ надвор од стандардниот фестивалски термин во лето.