„Охридско лето“: Восхитувачко техничко мајсторство на виолончелистот Родин и пијанистката Захариева
Нова креативна возбуда донесоа на „Охридско лето“ вчеравечер големиот руски виолончелист Кирил Родин и бугарската пијанистка Жени Захариева.
Публиката во црквата „Света Софија“ имаше можност да ужива во виртуозноста и префинетоста на двајцата уметници, како и во нивната маестрална изведба на дела од Бокерини, Брамс, Шуберт и Чајковски.
Пијанистката Жени Захариева музицира на светските концертни подиуми повеќе од шест децении и вели дека музиката е спас за човекот што го води во еден нов, волшебен свет каде нема стресови како во секојдневието.
-Музиката е нашиот спас, особено музиката создадена од генијалните композитори пред двесте или триста години која секој исполнител ја доловува различно. Таа е иста, но во суштина различна. Тоа е и мисијата на музиката, да нѐ прави подобри, да сфатиме колку сме духовно богати, какви чувства имаме. Во животот сите имаме многу стресови и не секогаш можеме да се почувствуваме како вистински луѓе, но кога слушаме музика одиме во еден друг волшебен свет смета пијанистката Захариева.
Со големиот виолончелист Родин не свират често заедно, но како што вели, се радува секогаш кога настапуваат како дуо.
-Голем емоционален предизвик е да се свири со извонреден челист како Кирил Родин. Тогаш можеш да го покажеш најдоброто од својата индивидуалност. Тоа е еден разговор помеѓу двата инструмента во кој секој инструмент го покажува најдоброто што може да го даде, додава Захариева.
Маестрото на виолончело Кирил Родин, првиот рецитал на „Охридско лето“ го имаше пред 22 години, токму на истото место, во акустичниот амбиент на катедралата „Света Софија“.
-Премногу сум возбуден што сум тука, особено бидејќи мојот прв концерт на „Охридско лето“ беше пред 22 години, а уметник како уметник, се чувствува најубаво на сцената, во концертни сали пред публиката. Овојпат свиревме специјално одбрана програма исполнета со многу романтизам, италијанска музика од Бокерини, потоа Шуберт, Брамс, Чајковски. Се надевам дека ѝ беше интересно на публиката, не само на онаа која е запознаена и е љубител на овој тип музика, туку и на онаа која доаѓа само да слуша класична музика, вели Родин.
Синоќешниот концерт на „„Охридско лето“ го проследи и Амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин.