Охридско лето: Задоволни сме од средствата кои ни ги додели Министерството

Според програмата на Министерството за култура од годишнитe конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, за реализација на претстојното фестивалско издание на Охридско лето се издвоени 25 милиони денари, за разлика од лани кога Фестивалот доби 23 милиони денари. Од Охридско лето велат дека се задоволни од издвоените средства кои се повисоки за 2 милиони денари и додаваат дека ќе донесат врвни уметници на фестивалската сцена од 12 јули до 20 август.

-Програмата на годинешново  Охридско лето се подготвува. Летово ќе имаме прилика да видиме уметници од музичкиот и драмскиот свет кои се во самиот врв во светот. Изразуваме благодарност што Министерството имаше слух да ги зголеми средствата во споредба со минатогодишната распределба во рамките на конкурсот. Работиме напорно Фестивалот „Охридско лето“  како најголема манифестација под капата на Министерството за култура да реализира уште едно возвишено фестивалско издание со квалитетна, уникатна, атрактивна и возбудлива програма, велат од Охридско лето.

Фестивалот Охридско лето покрај средствата од Министерството за култура обезбедува и сопствени средства од продажба на билети, како и спонзорски средства.

-Кај спонзорите постои подготвеност за поголема финансиска поддршка се со цел на фестивалот летово да видиме врвни музички и драмски имиња од земјава и од странство, додаваат од Охридско лето.

Од таму најавуваат дека „Охридско лето ќе ги оправда очекувањата на љубителите на уметноста, очекувањата на спонзорите, помагателите и пријателите. Тоа, како што велат, е потврда дека „Охридско лето “ успева да воспостави високи стандарди но и гаранција дека во наредните години ќе го продолжи континуираниот растеж, во секоја смисла.