Охридско лето жали за смртта на великанот Пендерецки

Светот на уметноста се збогува со еден од најголемите светски уметници на денешницата. Фестивалот Охридско Лето жали за големата загуба, смртта на светски познатиот полски композитор и диригент Кшиштоф Пендерецки кој почина денеска на 86 години, по долга и тешка болест.

Славниот Пендерецки е еден од најголемите уметници кои настапиле на фестивалската сцена на Охридско лето. Легенда која ќе остане запишана во фестивалската историја на најславните уметници со кои Охридско лето го изгради својот голем успех. Токму неговото име е едно од оние великани со кои годинава ќе се одбележат 60 години успешно постоење на фестивалот.

Настапот на композиторската легенда Пендерецки на Охридско лето во 2013 година претставува збиднување со исклучителни уметнички вредности, реализација на фестивалскиот концепт во Охрид да дојдат и настапуваат најзвучните имиња од светската класична музичка.

Вечно ќе му бидеме благодарни на овој музички гениј за неговиот неповторлив настап на 53-то издание на Охридско лето, во годината кога кога низ целиот свет се реализираа концерти токму по повод јубилејните 80 години од неговото раѓање.  Токму затоа неговиот настап даде посебен белег на Охридско лето но и придонесе за светска афирмација на нашата држава.

Маестро Пендерецки во деновите кога престојуваше во Охрид беше бескрајно благодарен за гостопримството. Рече дека се чувствува особено среќен и почестен што ќе настапи пред македонската публика.

– Моите дела, мојата музика е изведувана во Македонија пред повеќе од 50 години, но ова е првпат лично да настапувам тука. Вечерва ќе презентирам дела од различни периоди на моето творештво, меѓу кои и музички авторски изрази конципирани врз техники што пред 50-тина години беа шокантни за уметниците, кои одбиваа да ги изведуваат. Но, тие беа дел од моите замисли да создадам сосема нов уметнички израз, рече маестро Пендереци пред настапот.

За неговото исклучително богато музичко творештво великиот Пендерецки рече дека се должи благодарение на околностите во кои се развивал како композитор, што имал можност да учи од најдобрите професори собрани во Краков по Втората светска војна, период за кој сметаше дека е златниот во историјата на познатата краковска уметничка школа, време на истражувања во музиката.

– Најмногу влијание да создавам дела со религиски мотиви имаше актуелната политичка ситуација во Полска во тој период, неповолните односи меѓу религијата и државата. Како млад композитор бев гневен за таквиот однос и токму како бунтовник почнав да создавам дела базирани врз религиски мотиви, појасни маестро Пендерецки.

Во богатиот творечки опус Пендерецки најпознати дела се „Тужбалица“, посветено на жртвите од Хирошима, оперите „Луденските ѓаволи“ и „Убу Рекс“, вокалните композиции „Страста по Лука“ и „Полски Реквием“.

Дел од неговото творештво е и филмската музика, меѓу кои за „Егзорцист“ на Фриткин, „Сјаење“ на Кјубрик, „Диви во срцето“ и „Внатрешна империја“ на Линч, „Катин“ на Вајда…

Тој ја компонираше и музиката за отворањето на 29-те Олимписки игри во Пекинг во 2008 година.

Добитник е четири греми награди, последната во 2016 година.

Концертот на Пендерецки со Македонската филхармонија одржан на Охридско лето е прогласен за „музички настан“ во државава за 2013 година.

Минатата година во рамките на традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржа целовечерен концерт на пијано-триото „Пендерецки“ кое е креирано со голем ентузијазам од страна на тројца од најдобрите и најзначајни полски музичри, Конрад Сколарски пијано, виолинистот Јарослав Наджицки и виолончелистот Карол Марјановски. Долги години тие биле неразделни со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот огромен творечки опус.

 

Нека му е вечна слава !!!