Пијанистичкото мајсторство на Дантас-уметничка наслада за публиката на „Охридско лето“
Младиот но мошне талентиран португалски пијанист Васко Дантас синоќа беше вистинско изненадување за публиката на „Охридско лето“ покажувајќи ја големата виртуозност со која владее врз пијаното. Концертот во црквата „Света Софија“ претставуваше музичко патување од неговата родна земја Португалија до Германија каде што живее и работи.
-Пред прекрасната публика се претставив со она што го имам на мојот последен соло компакт диск преку кое се патува низ мојата татковина, низ Португалија сѐ до земјата каде што живеам, Германија. Исто така изведов и некои мои композииции, рече Дантас.
За најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, фестивалот „Охридско лето“, младиот пијанист првпат слушнал од негов македонски колега кој живее во Германија.
-За „Охридско лето“ првпат слушнав пред една година преку пријател во Германија кој е од Северна Македонија. Мило ми е што и покрај пандемијата овој фестивал сѐ уште се одржува со соодветни рестрикции. Првпат сум и во Охрид. Кога дојдов да ја одржам пробата вчераутро, бев пријатно изненаден од акустиката на оваа црква, од фреските на ѕидовите, а секако и од прекрасното пијано, раскажа Дантас.
Неговите планови, како што најави, се да ја продолжи пијанистичката кариера и да пронајде нови начини на правење музика, не само класична, туку и различни жанрови.
Васко Дантас е дел од елитното друштво на млади светски пијанисти чијшто класичен пијанизам ги надминува границите на неговата возраст. Тоа го покажа и синоќа кога музицираше на фестивалот „Охридско лето“ со специфичен сензибилитет и големо инструментално мајсторство.
Синоќешниот концерт на фестивалот се одржа со почитување на новите рестриктивни мерки што се пропишани за справување со ковид-пандемијата, ограничен број на публика, задолжително носење маски, дезинфекција на раце, но и прикажување доказ за имунизација со ковид-вакцина.