Прекрасна духовна атмосфера на „Охридско лето“ со женскиот хор „Менада“

Женскиот младински хор „Менада“ од Тетово вчеравечер настапи на фестивалот „Охридско лето“ донесувајќи во предворјето на црквата „Света Софија“ православна духовна музика, со што уште еднаш го потврди епитетот амбасадор на македонската хорска музика во светот.

Овој реномиран хор којшто негува композиции од различни епохи и стилови од македонската и светската а-капела и вокално-инструментална музика под диригентската палка на Ивица Зориќ, се враќа на фестивалската сцена во Охрид по две децении.

-Огромно е задоволството што сме на фестивалот „Охридско лето“ кој годинава прославува 61 година од постоењето и ме радува тоа што пред точно 20 години, на 8 август 2001 година имавме концерт на православна музика во црквата „Света Софија“ којшто беше мошне успешен и се репродуцираше повеќепати на Македонската радио-телевизија, вели маестро Зориќ.

Хорот „Менада“ има настапувано во 20-тина земји во светот од каде секогаш се враќа со бројни награди од Меѓународните фестивали.

-Најубаво е кога го работите она што ве исполнува. Јас тоа го правам со задоволство веќе четири децении со женскиот младински хор „Менада“ којшто го имам основано. Сите овие години опстојуваме, работиме и постигнуваме резултати. Ме радува и тоа што од поранешните девојки кои членуваа во хорот „Менада“, денеска  нивните ќерки пеат во него, така што на некој начин станавме семеен хор. Се надевам дека ќе продолжиме по тој пат, додава Зориќ.

Во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ беа претставени композиции на  старословенски, македонски, грчки и руски јазик од различни автори како Григориј Првопеец, Бобеков, Голабоски,Мокрањац, Илија Хаџи Димзов, Ведел, Стојков, Бортњански и Касталски. Како солист со фрагменти од кантатата „Огледало“ од композиторот Стојан Стојков настапи Влатко Груевски, а Милена Илиевска имаше молитвено тикување при византискиот напев „Свјати Боже“.

-Осум композиции со кои настапивме имаа византиско потекло и беа пишувани во византиски стил,  а останатите беа со хармонска подлога на повеќе јазици, композитори од повеќе земји во кои се негува православната духовна музика. Имавме македонски, српски, бугарски, украински и руски композитори, а пеевме на повеќе јазици, на старословенски, македонски, руски, грчки. Православието е дел од нашиот репертоар. Покрај другите композиции коишто се разликуваат стилски, практикуваме и да ја негуваме православната духовна музика бидејќи таа е нашето минато, но се надеваме и настојуваме да ги пренесеме тие чувства и да биде иднина за поколенијата што доаѓаат по нас, појаснува маестро Зориќ.

Реномираниот хорски диригент Зориќ кој ѝ е добро познат не само на македонската, туку и на меѓународната  културна јавност,  е првиот доктор од областа на интерпретацијата во Република Северна Македонија. Тој во 1977 година го основал детскиот хор „Лале“, а четири години подоцна и женскиот младински хор „Менада“. На репертоарот со хоровите  поставил повеќе од 500 композиции од различни стилови и епохи, на 18 јазици.