Прекрасна вечер на „Охридско лето“ со Филхармонискиот хор од Косово

Филхармонискиот хор од Приштина, Косово вчеравечер ја воодушеви публиката на „Охридско лето“ со својот концерт во црквата „Света Софија“ под диригентската палка на маестро Хајрула Сула.

Заради пандемиските услови, во акустичниот амбиент на катедралата настапија само половина од членовите кои со специјално одбраната програма беа наградени со бурни овации.

-Составивме една многу интересна програма од 9 композиции од кои четири се на косовски композитори од различни генерации во кои има елементи од албанскиот фолклор.  Двајца од композиторите се од постарата генерација, Фахри Бекири кој почина неодамна и  Рафет  Руди кој беше застапен со две композиции. На репертоарот имаше и една моја композиција како претставник на средната генерација косовски композитори, рече Баки Јашари, директор на Косовската филхармонија.

Членовите на овој професионален хорски ансамбл ѝ приредија изненадување на публиката, исполнувајќи го делото „Македонска хумореска“ од македонскиот композитор Тодор Скаловски.

-Се сеќавам кога бев во ученик средното музичко училиште ја пеевме оваа композиција. Во поранешната југословенска држава кога се образував јас, беше многу полесно да се соработува и да се има концерти во сите делови од земјата така што многу рано се запознавме со делата на македонските композитори и на другите автори од поранешна Југославија, и во знак на благодарност вчера ја изведовме „Македонска хумореска“ која е многу популарна насекаде, додаде Јашари.

Останатиот дел од фестивалската програмате беше посветен на современи автори како американскиот композитор Џејк Рунестад и естонскиот Велјо Тормис.

-Изведовме композиции со современ пристап, со богата хармонија што го покажува нашиот афинитет кон модерната музика. Ја негуваме и традицијата и сакаме да покажеме дека сме професионален хор, појаснува Јашари.

Мешаниот хор на Косовската филхармонија првпат концертира на „Охридско лето“. Во далечната 1985 година, на „Охридско лето“ настапи Професионалниот косовски хор но тогаш работеше во рамки на Радио-телевизија Приштина на чело со диригентот Рафет Руди, чии дела беа изведени и синоќа.

-Ова е првпат Косовската филхармонија со хорот да настапи на меѓународниот фестивал „Охридско лето“. Ние постарите генерации знаеме дека се работи за мошне влијателен фестивал со шестдецениско постоење на кој учествувале најголемите имиња од светската музичка сцена, така што сме многу благодарни за поканата, рече првиот човек на Косовската филхармонија, Јашари.

Косовската филхармонија минатата година одбележа 20 години од основањето. По седуммесечната пауза во работењето заради здравствената пандемија ги продолжува своите гостувања во Косово и регионот.