Прекрасна вечер со дувачки инструменти и танци на „Охридско лето“

Танци од времето на Шекспир до денес беа изведени синоќа на фестивалот „Охридско лето“ преку извонредниот настап на дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“ кој донесе свежина и го разбуди чувството за естетика и уживање кај фестивалската публика.

Единствената дама во квинтетот, флејтистката Мила Павлова не го криеше задоволството што е првпат на фестивалот „Охридско лето“ и вели дека амбиентот каде што настапија е совршено место за музицирање.

-Првпат учествуваме на фестивалот „Охридско лето“. Многу ни се допаѓа Охрид, еве, имавме можност да ја видиме и црквата „Света Софија“ која е прекрасна. Исто така внатре ја почувствуваме и акустиката.Уште на генералната проба ги планиравме местата од каде што ќе звучиме најдобро, вели флејтистката  Мила  Павлова.

Кларинетистот Венелин Пиперов  појасни дека квинтетот „Пилекадоне“  настојува да го задржи вниманието на публиката и да и’ овозможи да ужива во нешто што е поразлично и што не се слуша често.

-На концертот свиревме музика од различни епохи од 15-от до 21-от век, поточно композиции кои се специјално аранжирани за нас. Нашите планови се секогаш поврзани со тематски проекти, како „Танци“, „Шекспир“ и слично. Сакаме да бидеме поразлични, да бидеме препознатливи и да и’ донесеме на публиката нешто што не го слуша често, појаснува Пиперов.

Овој музички ансамбл кој синоќа со својот настап ја воодушеви фестивалската публика во Охрид  постои 25 години и за тоа време има испишано богата биографија со настапи.

-Како квинтет функционираме веќе 25 години и за тоа време ние, освен колеги, станавме и добри пријатели, вели Павлова.

Дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“   е уникатен  поради тоа што нивниот израз ги надминува  границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се  со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери, како и со хорот на Софиските момчиња.

По концертот на „Охридско лето“ , во септември, ансамблот го очекува турнеја во Италија,како и учество на фестивал во Габрово.