Во рамките на јубилејното одбележување на годинешното издание на Охридско лето, денеска со почеток од 20 часот во Предворјето на Св. Софија, ќе биде промовирана монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска. Модератор на промоцијата ќе биде новинарот Милчо Јованоски а свое обраќање ќе има и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
-Достојно за големината на Фестивалот со оваа публикација трајно ќе ја сочуваме богатата историја на нашата најголема музичко сценска манифестација. Многу врвни уметници тука, на фестивалската сцена, оставиле свој белег и се заслужни за успесите на Фестивалот. Со нивните врвни настапи придонеле бројни љубители на уметноста да го сакаат и помагаат Охридско лето. Благодарни сме на сите градители на ова големо дело. Токму затоа огромна е честта што имаме прилика да промовираме монографија во која се испишани 60 години успешна приказна на Фестивалот, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ. Поповиќ потенцира дека Монографијата е посветена на сите оние кои изминативе шеесет фестивалски изданија го граделе Охридско лето но и на оние кои доаѓаат, на генерации уметници и почитувачи на уметноста кои ќе бидат дел од оваа врвна манифестација.
