Публиката на „Охридско лето“ уживаше во Руска класика

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа продолжи со концерт на „Бенџамин пијано трио“ кое на публиката и’ ги долови Клавирското трио во ц-мол од Николај Римски Корсаков и Клавирското трио Опус 50 од Петар Илич Чајковски.

„Бенџамин трио“ го сочинуваат виолинистот Емир Имеров, пијанистот
Ваг Папијан и виолончелистот Александар Кагановски. По концертот, тие изјавија дека се задоволни од нивниот настап и од приемот на публиката.

Македонскиот виолинист Емир Имеров кој е дел од звучните европски ансамбли првпат настапува на „Охридско лето“, но неговите колеги веќе биле на фестивалот.

– Чест ни беше да свириме на овој огромен по своето значење фестивал, како за Република Македонија, така и за целиот музички свет. Се надевам дека публиката многу добро не’ прифати и навистина ни беше задоволство да настапиме пред ваква публика, изјави Имеров.

Ерменскиот пијанист Ваг Папијан влезе во фестивалската хроника пред две години, затворајќи ја музичката програма на 55-то издание на „Охридско лето“ заедно со рускиот виртуоз на виолина –маестро Максим Венгеров.

Украинскиот виолончелист Саша Кагановски пак, настапи на „Охридско лето“ во 2005 година како дел од гудачкото трио заедно со виолинистот Борис Лишвиц и Цви Лишвиц на виола. Тој има снимено и неколку компакт дискови со Македонската филхармонија во Скопје.