Работилница на тема „Музиката денес“ во организација на Охридско лето и Македонски Телеком

Во катедралната црква Св. Софија денеска  со почеток од 18 30 часот во организација на Охридско лето и  Македонски Телеком ќе се одржи работилница на тема „Музиката денес“. Предавач на работилницата ќе биде Џијан Емин, еден од најдобрите македонски музички уметници.

На предавањето ќе се зборува за различните перцепции на музиката, начинот на кој се создавала низ историјата и како се восприемала, како се создава денес и како денес се доживува. Колку технологијата реално ја загрозува суштинската идеја на композиторот во процесот на создавање, како да распознаваме добра од лоша музика, квантитет наспроти квалитет.

Ова ќе бидат дел од прашањата на кои Џијан Емин ќе се обиде да даде одговори и објаснување за една од најмистериозните појави во уметноста – музиката.

По предавањето,  со почеток од 20  часот, следи авторски концерт на квартетот на Џијан Емин во состав : Кирил Кузманов – алт саксофон, флејта, Џијан Емин – пијано, клавијатури, глас, електроника, Кирил Туфекчиевски – контрабас  и Гоце Стевковски – тапани.