РЕЦЕНЗИЈА: Целовечерен концерт на Дарко Костовски на Охридско лето – празник за сите сетила
Настапот на Дарко Костовски на годинешново Охридско Лето само уште еднаш ни потврди дека македонските музички уметници со посебен пиетет пристапуваат кон поканата за гостување на фестивалот и дека културната политика и во пошироки рамки треба да се движи во насока на постојана грижа нив, без разлика дали тие живеат и творат во Македонија или надвор од нејзините граници. Основите на музичкото образование ги започна во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ како посебно талентиран млад уметник, а усовршувањето и сега творечката дејност пијанистот Дарко Костовски ја гради во Германија. Бројната публика во црквата Св. Софија составена од почитувачи на неговата уметност со радост го поздрави долгоочекуваниот настап, после сите предизвици што ги создаде пандемијата и ги оддалечи уметниците од концертните подиуми насекаде низ светот.
За концертот на Охридско лето, Дарко Костовски одбра мошне обемна и сериозна програма, а сепак толку привлечна и позната и за поширок слушателски аудиториум. Неизбежно ќе си дозволиме да забележиме… Кој уште во денешно време свири Бетовен – „Апасионата“, Шопен – Балада во ге-мол, Полонеза Ас-дур, „Фантазија Импромти“ и Скерцо во цис-мол, Валцери… Рахмањиноф – Етида и дело од македонски автор во една вечер? Кај нас, најчесто никој! Оваа ревија од толку добро познати и извонредни дела од пијанистичката литература во една фина летна ноќ во Охрид, сама за себе е празник. При тоа, кога уметникот плени со таква софистицирана индивидуалност и имагинација, величината на естетското доживување е комплетна.
Воведот во концертот со Етидата од опусот 39 во ес-мол нé потсети каков богат музикалитет поседува Дарко Костовски донесувајќи ја оваа сонорна „слика“ од Сергеј Рахмањинов со истакнување на слоевитите мелодии скриени во бујните акордски кулминации толку специфични за рускиот легендарен композитор. Контрастно, во „Шесте вињети“ од афирмираниот македонски композитор Панде Шахов, Костовски покажа дека во неговиот изразито лирски и емотивен сензибилитет кој наклонува кон дела со романтична визура, занимливо се вклопува и современиот минималистички концепт на Шахов, збогатен со шармантни синкопирани ритми и хармонии со дискретна алузија на џез.
Но сепак… Бетовен… Апасионата… тоа ремек-дело на непресушниот гениј, кое со секое слушање повторно нé наведува да ги преиспитаме границите на човековата креативност и величие, во изведбата на Дарко Костовски го доживеавме како повик дека уметноста опстанува и победува и во најтешките мигови на искушенија и премрежија за човештвото. Зашто таа маестрална творба во себе ги сублимира врвниот дострал на сонатната форма со варијационите и полифонични техники. Да, редовно сме ја слушале „Апасионата“ во некакви усилени, брзи темпа, што моќноста на сонатата ја претворале само во некаков неконтролиран и хаотичен немир. Дарко Костовски преку свое видување, ја потенцира романтичната страна на Бетовеновиот главно воинствен лик, па така автентично ја покажува спецификата на сите нагли динамички пресврти и контрасти, толку типични и важни за една долична интерпретација на Бетовен. Пијанистот одбра комотно, „распеано“ и умерено темпо кое му овозможи разбирливо да ги отсвири сите скриени хармонски и мелодиски финеси во уникатната партитура. Но да не заборавиме, во поздината на таа креативна слобода стои цврсто изградена пијанистичка техника.
Во вториот дел од концертот, целосно впловен во сферата на сопствениот интимен свет, во Шопен, пијанистот нé врати во минатото, како реминисценција на неговото детство. Тогаш со младешките изведби го осозна сопствениот афинитет кон поетичноста на Шопен, а сега од агол на зрел уметник со претставување лична интерпретација и свој изразит печат слушнавме еден „нов Шопен“ што отстапува од некои вообичаени толкувања. Да не зборавиме, пронаоѓањето на најдлабите нијанси на „пијанисимо“ – суптилни тонови во спој со меко и дозирано „форте“ како белег на неговата интерпретација, неслучајно уметникот ги остварува како плод на долгогодишна врвна мајсторска едукација во сите сфери на музичото образование. Таа школа надградена над интелигенција и дар ни донесуваат култивирано осмислено свирење кое ни за миг не се одвојува од добриот вкус што допира до секој познавач на софистицираната музичка уметност.
Посакуваме следното гостување на Дарко Костовски да не го чекаме толку долго како овој пат.