Рецензија: Концертна вечер на Европската унија на фестивалот Охридско лето „Бах во етерот“
Мисијата на Европската унија во Македонија петнаесет години реализира концертни вечери во рамките на фестивалот „Охридско лето“ со организирање гостувања на реномирани музички уметници од земјите членки на унијата. Таа веќе традиционално убава пракса од фестивалската публика е препознаена како можност да се присуствува на квалитетен музички настан кој носи некоја симболика за промоција на европското заедништво и просперитет.
Така беше и вчеравечер на концертот на словенечките уметници, флејтистката Ирена Графенауер и кларинетистот Мате Бекавац на кој присуствуваше евроамбасадорот во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, како претставници на повеќе дипломатски претставништва во земјава. И двајцата уметници со завидни концертни кариери, пред публиката за „Охридско лето“ одбраа Бахова, барокна и мошне сериозна програма. Многу соодветно за европска вечер, зашто токму музиката на Бах како столб на целокупното музичко творештво од епохата на барокот па сé до денес, ја има таа базична и обединувачка сила од која произлегуваат сите подоцнежни правци и стилови во европската класична музичка уметност.
Софистициран и внимателно избран концепт на програмата – беше првиот впечаток за концертот. За почеток, Свитата за виолончело во Ес – дур, низ флејтата на Ирена Графенауер го исполни просторот во црквата Св. Софија. Со нескриена и видлива воодушевеност од акустиката, искусната уметница ги обликуваше разноликите барокните игри со благороден звук мајсторски доловувајќи ја полифонијата во повеќеслојната линија на флејтата. При тоа во оваа подеднакво сложена партитура како за виолончело така и за флејта, Ирена Графенауер го претстави својот изразит и богат музикалитет.
Со видно задоволство, во продолжетокот публиката ги проследи познатите четиринаесет двогласни инвенции од Бах. Вообичаено инструктивно четиво, во секоја школа за пијано, слушани и изведувани безброј пати од невешти прсти на многу „мали пијанисти“, а заради тоа често доживеани како здодевни. Но овој пат, Баховите двогласни ремек-дела низ интарпртацијата на Ирена Графенеуер и кларинетот на Мате Бекавац ги слушнавме во потполн сјај. Природната звучна и темброва сроднoст на флејтата и кларинетот уметниците ја надополнија со истенчено чувство за динамичко нијансирање кое се движеше во суптилниот опсег на „мецопијано“ и мецофорте“. Тие свиреа со воздржаност прикладна за Бах, со леснотија и мек тон кој наспроти вообичаено ритмичната асоцијација врзана за двогласните инвенции отсвирени на пијано, создаде комплетно поинаков брановиден импулс создавајќи мелодична „лебдечка“ полифонија.
Во соло-настапот кој следуваше, кларинетистот Мате Бекавац ја изведе втората Партита во де-мол за виолина, уште едно ремек-дело од опусот на Бах. Тоа беше само потврда за податливоста и универзалноста на неговиот гениј кој постојано го реоткриваме во боите на сите инструменти, овој пат во кадифениот звук на кларинетот на Бекавац. Уметникот ги изведе игрите од Партитата, изоставувајќи ја сепак завршната Шакона и со префинета експресија уште еднаш нé пренесе во врвниот дострел на барокниот свет.
Во дуетот за флејта и кларинет и особено во варијациите од познатата транскрипција на норвешкиот композитор Јохан Халворсен на Хендловата Пасакаља уметниците покрај тоа што пред восхитената публика ја потврдија вештината и усогласеноста во камерното музицирање, овој пат покажаа и поотворена и јасна бравурозност. Непретенциозно, но со елегантен виртуозитет Графенауер и Бекавац нé водеа низ комплексните варијации остварувајќи складен „разговор“ меѓу флејтата и кларинетот преку фини тонски микро-нијансирања, својствени за големи уметници.
Концертот протекна во свечена атмосфера и забележлива радост кај публиката и уметниците. Деликатно осмислен еднородно конципиран програм, притоа со ваква врвна стилска изведба, секогаш е подарок за музичките сладокусци.