Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со традиционалната Вечер на ЕУ „Романтична Виена“ во чии рамки ќе настапи познатиот австриски пијанист Роберт Лербаумер.
Концертот ќе се одржи вечерва, во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата се дела од Франц Лист,Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Франц Шуберт, Готфрид фон Ајнем и Роберт Шуман.
Австрискиот пијанист Роберт Лербаумер својата кариера ја започнува на само деветгодишна возраст, кога се појавува на музичките сцени во Австрија, Германија и Швајцарија. Оттогаш неговите настапи (најпрвин како пијанист, а подоцна и како диригент и оргулист) стануваат сè почести и го водат во речиси сите европски земји, каде што соработува со најпрестижните светски оркестри. Паралелно со пијанистичката дејност, Лербаумер успева да се прослави и како одличен диригент и оргулист.
Како солист настапувал со диригентите од светски ранг: Клаудио Абадо, Јехуди Менухин, Андре Превин и др., а соработувал и со истакнати изведувачи како: Волфганг Шнајдерхан, Фридрих Гулда, Волтер Бери, Антон Дермота. Редовен учесник е на фестивали, има направено и повеќе снимки за радио и телевизиските станици, а неговата музика е документирана и на грамофонски плочи и компакт-дискови.
Лербаумер постојано одржува интернационални мајсторски курсеви во целиот свет. Моментално работи како професор на конзерваториумот „Прајнер“ во Виена. Добитник е на повеќе награди и признанија.