Шпанска вечер на „Охридско лето“

Шпанската вечер на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе настап на  сопранистката Еугениа Боикс и пијанистката Ана Ферер. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

На вечерашниот репертоар се тонадиљи и љубовни песни од Енрике Гранадос, песни од Федерико Момпу, седум популарни шпански песни од Мануел де Фаља, како и дела од Пабло Луна Јоакин Турина и Франциско Асењо Барбиери.

Сопранистката Еугенија Боикс своето музичко образование го започнува во родниот град Монзон, Шпанија. Дипломира на Конзерваториумот за музика на Саламанка, по што се запишува на постдипломски курс по пеење во Школата за музика на Каталонија и магистерски музички студии на Кралскиот конзерваториум во Брисел. Во текот на својата кариера, Боикс настапувала во повеќе оперски куќи со одлични оркестри, под диригентската палка на еминентни диригенти од светот. Во нејзиниот репертоар, покрај оперите, често може да се сретнат и ораториуми. Настапува и како камерен музичар со голем број познати изведувачи и ансамбли во Франција, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Русија, Полска и Америка. Има направено и снимки за повеќе радија во Шпанија и надвор од неа, меѓу кои и Националното радио на Шпанија, португалски и австриски радио-станици за класична музика, БиБиСи и телевизијата „Медичи“.

Пијанистката Ана Ферер е родена во Жирона, Шпанија во познато музичко семејство. Пијано и камерна музика изучувала на Конзерваториумот во Жирона и Барселона, дипломирајќи со највисоките оценки и бројни награди. По ова, своето свирење продолжува да го усовршува кај Емануел Ферер, Роберто Браво, Едит Фишер, Пол Бадура-Скода и Луиз де Мура Кастро. Ана Ферер редовно настапува како камерен музичар во состави со признаени музички уметници, но не ја запоставува ни својата солистичка дејност, соработувајќи притоа со различни оркестри во повеќе земји во светот. Има направено снимки за радио и телевизиски станици, а често издава и компакт-дискови за германските издавачки компании „Lambdoma“ и „Goodlife Records“. Истовремено води и одлична педагошка дејност на Конзерваториумот во Жирона, каде веќе 12 години го води одделот за пијано и камерна музика.

Традиционалната Шпанска вечер на „Охридско лето“ се одржува со поддршка на Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Македонија.